Mustafa Kurt
10 Декември 2020•Ажурирај: 11 Декември 2020
АНТАЛИЈА (АА) - МУСТАФА КУРТ -
Античкиот град Сиедра во Аланија, во турската област Анталија, е домаќин на голем број цивилизации и своите посетители ги носи на историско патување, пишува Агенција Анадолија (АА).
Во овој антички град се откриени дела од хеленистичкиот, римскиот, византискиот и селџучкиот период, а историјата на овој антички град откриен со наодите при ископувањата во 2020 година, датира од 9 век пред нашата ера.
Сиедра ги привлекува посетителите со пештерата Кајнак (Извор), инфраструктурните системи изградени за чиста вода, улицата со столбови, пештерата на Крштение, базени и цистерни.
Античкиот град Сиедра преку своите дрвени пешачки патеки ги носи домашните и странските посетители на историско патување.
Раководителот на проектот за ископувањата во античкиот град Сиедра, доц. д-р Ертуг Ерѓурер, кој воедно е професор на Одделот за археологија на Факултетот за литература при Универзитетот „Караманоглу Мехметбеј“, во изјава за АА истакна дека со новите работи и промотивните активности, зголемен е бројот на посетителите на античкиот град Сиедра кој е еден од најважните градови во подрачјето на Киликија.
Ерѓурер рече дека во овој антички град се направени патеки за пешачење, како и рута за прошетка кај новите ископини и кај расчистените зони.
„Со текот на времето ќе се зголеми бројот на рутите за прошетка. Нашата цел е да ја продолжиме рутата за прошетка преку поврзување на главните улици, историските улички и патеките за пешачење“, нагласи Ерѓурер, додавајќи дека овој град во 2019 година бил посетен од 7.000 лица, додека оваа бројка во 2020 година достигнала 20.000 лица.
Тој информира дека веќе четири месеци работат во Сиедра заедно со професори и студенти од 12 различни универзитети, и дека се при крај со овогодишните ископувања.
Ерѓурер упати благодарност до сите кои им дале поддршка, пред сѐ на Министерството за култура и туризам на Турција, Генералната дирекција на музеи, метрополитенската општина Анаталија, општина Аланија и Фондацијата „Коч“.