Fatih Hepokur
28 Јули 2021•Ажурирај: 29 Јули 2021
АНТАЛИЈА (АА) - Во дистриктот Манавгат, во турската област Анталија, избувна шумски пожар, а акциите за гаснење на пожарот се спроведуваат од воздух и од копно, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пожарот избувна во шумскиот предел во населбата Јеникој, а причината сè уште не е утврдена. Во акцијата за гаснење на пожарот учествуваат и пожарникари од други турски области.
Евакуиран е дел од населбата Калемлер.
Предизвикана е штета на неколку куќи, а настрадаа и животни.
Многу жители во паника се обидоа да избегаат од подрачјето.
Челникот на Манавгат, Мустафа Јигит, за АА изјави дека пожарот се шири кон населените области.
„Поради пожарот евакуирани се одредени станбени објекти во населбите Евренсеки, Калемлер и Јеникој“, додаде тој.
Новинарот на АА дознава дека на терен ќе излезе и министерот за земјоделство и шумарство, Бекир Пакдемирли, за да ги следи акциите за гаснење на пожарот.