Handan Kazancı
27 Март 2021•Ажурирај: 28 Март 2021
АНКАРА (АА) - Турски воен товарен авион, кој превезува болнички материјали и полска болница, полета за Бангладеш рано утрово по големиот пожар што на 22 март го зафати кампот на араканските муслимани во Кокс Базар, каде што престојуваат илјадници бегалци Рохинџи од Мјанмар, јавува Агенција Анадолија (АА).
По инструкции на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Турската агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) и Министерството за здравство заедно со Министерството за животна средина и урбанизам започнаа со активности за доставување помош во тој регион.
Воениот товарен авион од типот „А 400М“ од воениот аеродром „Етимесгут“ во Анкара полета со помошта во која има и нова полска болница, што треба да ја замени оштетената турска болница додека таа не биде повторно во функција.
За Бангладеш заминаа и 22 вработени од турското Министерство за здравство, АФАД и од Турската управа за домување и развој.
Турската теренска болница беше еден од најголемите здравствени центри во бегалскиот камп, за кој се вели дека е и најголем во светот. Во кампот се сместени над 750.000 бегалци Рохинџи кои избегаа од насилствата и прогонот во Мјанмар во август 2017 година.
ОН потврдија дека најмалку 15 лица загинаа, 560 се повредени и 400 сè уште се водат како исчезнати, додека најмалку 10.000 засолништа се уништени.
Покрај другите, и турските хуманитарни организации ги мобилизираа своите ресурси за да одговорат на вонредната состојба.