Emin Avundukluoğlu
03 Јануари 2017•Ажурирај: 04 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Лидерот на турската опозициска Партија за национално движење (МХП) денес изјави дека ќе го поддржи парламентарниот закон за промена на државниот устав, јавува Anadolu Agency (AA).
Овој потег (прво јавно ветување за поддршка на нацрт-законот од страна на лидерот на МХП), ја доведе потенцијалната промена на претседателскиот систем еден чекор поблиску.
Одговарајќи на прашањата на новинарите по парламентарниот состанок на МХП во Анкара, Девлет Бахчели изјави: „Ќе гласам за новиот нацрт-закон и ќе го повторам тоа во референдумот“.
Сепак, не се знае дали пратениците на МХП ќе го следат чекорот на нивниот лидер. Од генералните избори во ноември во Турција, во партијата се случија внатрешни поделби и таа се најде на четвртото место во Парламентот.
Турската Влада вели дека ќе ги стави уставните промени на гласање на референдум, дури и ако предлозите добијат доволно поддршка од пратениците за да поминат во Парламентот.
На новиот нацрт-закон му се потребни 330 гласа за да го отвори патот кон референдум.
АК Партијата има 316 пратенички места, а пак МХП 40 пратенички места во Парламентот.
Уставната промена, особено повикот за претседателски систем, беше во политичката агенда откако Реџеп Таип Ердоган, поранешен премиер и лидер на АК Партијата, беше избран за претседател на Турција во август 2014 година.
Во сегашниот парламентарен модел, турскиот електорат гласа за 550 пратеници. Владата е формирана со минимален број од 276 члена на Парламентот.
Во предложениот претседателски систем, електоратот ќе гласа за лице што ќе оформи влада независно од парламентот, без потреба за гласање доверба.
Другите две опозициски групи во парламентот – Народната републиканска партија (ЏХП) и Народната демократска партија (ХДП) се противат на претседателскиот систем.