Ali Murat Alhas
25 Септември 2020•Ажурирај: 26 Септември 2020
АНКАРА
Турските обвинители денеска издадоа налози за приведување на 82 лица поради терористичките инциденти во 2014 година во кои 37 лица загинаа, а 761 лице беа повредени, вклучувајќи и припадници на безбедносниот персонал, јавува Агенција Анадолија (АА).
Инцидентите се случија кога демонстрантите излегоа на улиците, поттикнати од Демократската народна партија (ХДП), група која се обвинува за поврзаност со терористичката организација ПКК.
Со изговор дека ДЕАШ го напаѓа Ајн ал Араб (Кобани), сириски град во близина на турската граница, ХДП поттикна насилство меѓу поддржувачите на ПКК и курдската исламска партија Худа Пар.
Обвинителите во главниот град Анкара во писмената изјава наведоа дека многу актери, вклучително и водачи на терористите на ПКК, урбани агенти, членови на партијата ХДП и нејзините копретседатели Селахатин Демирташ и Фиген Јуксекдаг, ги повикувале луѓето да излезат на улиците и да извршат терористички акти, кои се познати како „Настани на 6-8 октомври“.
Во овие настани животот го загубија 37 лица, а 761 лице беа ранети од страна на терористите на ПКК/КЏК/ЈП.
Во соопштението се вели дека за време на протестите, патиштата биле блокирани, а многу јавни згради, цивилни возила и домови биле оштетени со пушки, молотови коктели и огномет.
„Со издадените налози се бараат осомничени во седум области“, се додава во соопштението.
ПКК е сепаратистичка организација којашто се наоѓа на списокот терористички организации на Турција, Европската Унија и Соединетите Американски Држави (САД). За време на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе.