Yıldız Nevin Gündoğmuş
18 Март 2021•Ажурирај: 19 Март 2021
АНКАРА (АА) - Министерот за животна средина и урбанизам на Турција, Мурат Курум, соопшти дека ресорните власти во рок од половина година ќе изградат нови куќи во селото Дереичи, во северозападниот дел на земјата, кое вчера беше зафатено од голем пожар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Курум преку Твитер упати порака со сочувство до семејствата во областа Артвин кои во пожарот останаа без домовите.
„По налог на нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на местата на изгорените 60 куќи во рок од шест месеци ќе изградиме нови куќи и тоа заедно со шталите и придружните објекти“, соопшти Курум.
Истакнувајќи дека државната администрација му служи на народот, Курум рече дека надлежните екипи веќе се на терен и ја утврдуваат штетата предизвикана од вчерашниот пожар.
„Нови куќи ќе гради нашата дирекција ТОКИ. И канцеларијата на гувернерот на Артвин ќе ја обезбедиме со поддршка од еден милион лири за да може да ги задоволи другите потреби на нашите граѓани кои претрпеа штета од пожарот“, порача Курум.