İlyas Gün
23 Декември 2021•Ажурирај: 24 Декември 2021
САМСУН (АА)
- ИЛЈАС ГУН
Ѓул Истанбуллу, која живее во областа Атакум во Самсун, три дена во неделата патува 120 километри за да ги нахрани бездомните животни во областа Кавак, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ѓул Истанбуллу, која пред две години изгради 30 засолништа за бездомни животни во шумската област до Организираната индустриска зона Кавак, три дена во неделата патува дотаму за да ги храни животните.
За храната што ја подготвува дома да ја достави до бездомните животни, Истанбуллу станува рано наутро и со минибус оди до автобуската станица, а оттаму со друго возило стигнува до Кавак. А, до местото каде што се сместени засолништата, Истанбуллу оди со такси. Со тоа, за да ги нахрани околу 100 бездомни животни, менува три возила минувајќи 60 километри.

Откако ќе ги нахрани животните, Истанбуллу со друго такси-возило се враќа во центарот на областа, оттаму во Атакум, со што три дена во неделата менува шест возила и минува 120 километри.
Ѓул Истанбуллу за Агенција Анадолија (AA) истакна дека пред да отиде да ги храни бездомните животни, дома се подготвува еден ден.
Наведувајќи дека дома вари тестенини со колбаси, Истанбуллу рече дека не може да собира храна бидејќи нема сопствено возило.
Истанбуллу, додавајќи дека ги храни животните три дена во неделата во рамките на нејзините можности, рече: „Тешко е да се транспортира храна 120 километри со промена на три возила, но го сакам овој предизвик за да ги нахранам бездомните животни. Затоа што тие се подарок од Господ за нас.“
Посочувајќи дека ѝ е потребна само поддршка за возила за превоз, Истанбуллу порача: „Не барам ништо од нашите општини. Сакам само транспортна поддршка до местото каде што се наоѓа засолништето за да ги нахранам животните. Луѓето треба да се грижат за 3-5 кучиња или мачки во нивните маала. Тие ни се гости на нашите улици.“
Истанбуллу рече дека секојпат готви по 30 пакувања тестенини.
„Бидејќи сум во пензија, имам тешкотии при купување храна, но имам пријатели кои ја купуваат. Се трудиме да ги нахраниме животните, макар и малку. Трошоците за патување до областа Кавак се 100 лири за само еден ден. Моите можности се ограничени. Мораме да ја подигнеме свеста на граѓаните дека на бездомните животни им е потребна храна, особено на оние во малите области.“