Ekipa
24 Мај 2017•Ажурирај: 25 Мај 2017
АНКАРА (АА) - Во рамките на продолжувањето на истрагите за терористичката организација ФЕТО, обвинителството во Анкара издаде налози за апсење на 139 поранешни и актуелни службеници во различни државни институции кои го користеле тајниот систем за комуникација „ByLock“, јавува Anadolu Agency (AA).
Државното обвинителство во Анкара утврди дека 30 службеници на турското Министерство за развој и исто толку поранешни службеници на Министерството за образование го користеле шифрираниот таен систем на комуникација во рамките на терористичките структури на ФЕТО, и за тие лица се издадаени налози за апсење.
Станува збор за поранешни службеници кои биле отстранети од работните места во текот на претходните истраги, кои укажуваа на нивната поврзаност со терористичката организација ФЕТО која на 15 јули минатата година изврши неуспешен обид за воен удар во Турција, чии актери беа инфилтрирани терористи во рамките на државните институции на земјата.
Паралелно со тоа, истото обвинителство утринава издаде потерница и налози за апсење на уште 79 службеници во локалните институции во Анкара, за кои исто така е утврдено дека ја користеле комуникациската мрежa „ByLock“ (Бајлок).
Станува збор за вкупно 60 службеници на Градската управа во Анкара и 19 службеници во општините Синџан, Кечиорен и Кахраманказан.
Меѓу нив, 56 сѐ уште се активни службеници и 23 службеници кои претходно се разрешени од функцијата.
Припадници на турската полиција, поточно на Одделот за борба против тероризмот и организираниот криминал, започна опсежна акција со цел преведување на осомничените.
На чело со Фетула Ѓулен, терористичката организација ФЕТО со посредство на инфилтрираните членови во рамките на институциите, се обиде во јули минатата година да изведе воен удар во Турција, пришто загинаа најмалку 249 луѓе. Турција потоа започна опсежна борба против оваа организација која е основана пред неколку децении, и под плаштот на верските начела ги злоупотребуваше верските чувства на луѓето заради остварување на своите терористички планови.
Терористите на ФЕТО, односно Паралелните државни структури, користеле тајни и кодирани начини на комуникација преку системот „ByLock“, а токму оваа мрежа им помогна на турските истражни органи во откривањето на бројни краци на ФЕТО, кои ги зафатија речиси сите турски институции.