Bahadır Muhlis Gökgül
14 Декември 2024•Ажурирај: 16 Декември 2024
ЈОЗГАТ (АА)
- Бахадир Мухлис Ѓокѓул
Шерифе Килич од турскиот град Јозгат се запишала на трет универзитет за да му даде пример на својот син и да му помогне да ја развие навиката да учи и да се школува, пишува Анадолу.
По пензионирањето во 2019 година, оваа 54-годишна мајка на едно дете реши да се запише на друг факултет и воопшто не и било тешко повторно да седне во студентската клупа по 30 години професионална работа.
Успешно го положила приемниот испит и се запишала на Факултетот за комуникации на Универзитетот „Јозгат Бозок“.
Оваа Турчинка, чија решителност и енергија секако можат да бидат пример за нејзиниот син, но и за другите, обично учи навечер откако ќе ги заврши домашните обврски во текот на денот и ќе му помогне на својот син околу потешките школски задачи.
- Студент на втора година
Шерифе, студентка во втора година, за Агенција Анадолу изјави дека претходно дипломирала на Економскиот факултет во 1994 година и на Факултетот за менаџмент во 1999 година.
Таа истакна дека решила да се запише на трет факултет за да го мотивира синот да учи и да се школува.
„Сакам од мојот пример да види како некој може да седне на маса и да учи. Мислам дека успеав да влијаам на него и сега тој постигнува многу подобри резултати. Студирањето дефинитивно позитивно влијаеше и на мене, бидејќи ми даде некое ново значење. Секој ден учам околу три часа откако ќе ги завршам редовните домашни работи“, рече таа.
- Лесно се адаптирала
И покрај нејзината возраст, нејзините колеги студенти на универзитетот веднаш ја прифатиле и, како што вели, лесно и брзо се адаптирала, истакнувајќи дека со своето однесување и искуство сака да биде пример и инспирација за другите.
Таа истакна дека го избрала Факултетот за комуникации, особено поради нејзиното заминување во пензија.
„По одредена возраст луѓето доживуваат пад на говорот и размислувањето. Токму затоа го избрав овој факултет. Кога ќе дипломирам ќе се запишам и магистерски студии“, вели оваа упорна Турчинка.
- Успешна студентка
Џијан Шанли, нејзина колешка од факултет, истакна дека Шерифе вложува многу труд.
„И покрај годините, таа редовно доаѓа на часови. Многу е успешна и напорно се подготвува за испитите. Нè гледа како браќа и сестри. Бидејќи е постара од нас, често ни помага кога нешто не разбираме“, рече оваа студентка.
Деканката на факултетот, проф. д-р Зулфије Ачар Шентурк, истакна дека Шерифе е навистина најдобар пример дека никогаш не е доцна за образование и наука и дека и претходно се случувало луѓето кои ќе заминат во пензија да се решат да се запишат на нивниот факултет.