Muhammed Enes Çallı
25 Октомври 2023•Ажурирај: 26 Октомври 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Израелската копнена операција во Појасот Газа може да ескалира и да се претвори од бруталност во „масакр“, предупреди денес турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, јавува Анадолу.
Говорејќи на прес-конференцијата во Доха заедно со својот катарски колега шеикот Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани, Фидан рече дека нападите врз Палестинците, без разлика дали се деца, болни или стари лица, па дури и на училиштата, болниците и џамиите е злосторство против човештвото.
Како што се зголемуваат смртните случаи во Газа, така реакцијата во регионот природно ќе расте, рече Фидан, додавајќи: „Невозможно е однапред да се предвидат последиците.“
Израел ја бомбардира Газа по ненадејниот напад на Хамас на 7 октомври, ставајќи ја целата енклава под блокада, поради што 2,3 милиони жители имаат малку вода, гориво и медицински материјали.
Израелската војска продолжи со своите интензивни воздушни напади врз Газа, во кои уништи цели квартови.
Во израелските напади на Газа убиени се 5.791 Палестинец, од кои 2.360 се деца, 1.292 жени и 295 стари лица.