Ekipa
02 Април 2018•Ажурирај: 02 Април 2018
БУРСА (АА) - Заменик-премиерот на Република Турција, Хакан Чавушоглу, изјави дека неодамнешната операција на Турската разузнавачка служба (MIT) и фаќањето шест терористи на ФЕТО во Косово претставува многу добра работа за иднината и судбината на Косово, и дека тоа косовските политичари со текот на времето ќе го сфатат, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турција на тој начин направи добра работа за иднината на Косово. Премиерот и другите политичари од Косово тоа треба да го разгледуваат од овој аспект. Не станува збор само за фаќање на терористите и нивно предавање на турското правосудство, туку на тој начин и Косово е спасено од големи закани и ризици. Ова со време ќе биде разбрано“, рече Чавушоглу на денешното дружење со новинарите во турскиот град Бурса.
Во соработка со косовската разузнавачка служба, турската МИТ неодамна фати и во Турција префрли шест истакнати членови на балканската мрежа на терористичката организација ФЕТО.
Турскиот вицепремиер Чавушоглу денес изјави дека тоа е многу важен чекор во одлучната борба којашто ја води Турција против терористичката организација.
„Ние нема да ги оставиме на мира терористите, без оглед каде се наоѓаат. Нека бегаат, нека се кријат во дупки, но ние секогаш ќе ги гониме. Тоа е реалност“, порача Чавушоглу.
Истакнувајќи дека терористичката организација ФЕТО е активна и на Балканот, Чавушоглу изјави дека успешна акција е изведена во Косово, каде што терористите се особено активни.
„Не станува збор само за Балканот, ќе ги фатиме и ќе ги предадеме на турските органи на правдата сите терористи, во која и држава да се наоѓаат. Таа терористичка организација изведе обид за воен удар во којшто загинаа 251 херои, а повредени беа 2.194 луѓе, рече Чавушоглу.
Нагласувајќи дека зад ФЕТО постои и друга сила, Чавушоглу рече дека оваа терористичка група не претставува закана само за Турција, туку и за сите земји во кои делува, вклучувајќи ги Косово, Албанија, Македонија, Грција, Монголија, па дури и Јужноафриканската Република.
„Познато е дека ова е терористичка организација која се крие зад образовните установи и реториката на солидарност, а со инфилтрирање на своите поданици во сите пори на државните институции е подготвена во секој час и по потреба да ја заземе таа држава. Затоа, на сите нивоа, објаснуваме дека нашата борба против таа организација е во интерес на сите земји во коишто делуваат терористите“, рече Чавушоглу.
Тој потсети дека при неодамнешната посета на Монголија на тоа ги предупредил тамошните официјални лица.
„На сите им кажуваме дека овие терористи се робови кои не размислуваат, кои умот им го препуштиле на своите водачи. Тоа се поданици кои не ги промислуваат нештата, туку слепо ги извршуваат наредбите на оние кои им го зеле разумот“, изјави Чавушоглу.
Турската фондација Маариф е задолжена за преземање на контролата над образовните установи кои низ целиот свет работат под закрила на терористичката мрежа ФЕТО, а Чавушоглу рече дека во многу земји тој процес на преземање на училиштата веќе е завршен.