Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
02 Февруари 2021•Ажурирај: 02 Февруари 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во рамките на неговата дводневна официјална посета на Турската Република Северен Кипар (ТРСК), се состана со властите на кипарските Турци, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу прво беше пречекан од претседателот на Парламентот на ТРСК, Ондер Сенароглу, а потоа и од премиерот Ерсан Санер, за да дискутираат за прашањата што се на нивната заедничка агенда, особено кипарското прашање.
Посакувајќи му успех на Сенароглу на новата функција претседател на Парламентот, Чавушоглу изјави дека за време на неговата посета, тој заедно со својата делегација има за цел уште еднаш да ја нагласи целосната поддршка на Турција за очекувањата на кипарските Турци.
Потсетувајќи дека Турција испратила 40.000 дози вакцини против Ковид-19 до ТРСК, Чавушоглу рече дека Турција ќе продолжи да му ги испраќа потребните дози вакцини на Северен Кипар, бидејќи Турција продолжува да ги добива своите залихи.
На средбата со премиерот Санер, Чавушоглу потсети на плановите на генералниот секретар на ОН за спроведување состанок 5 + 1 во врска со Кипар.
„Генералниот секретар на ОН сака да одржи таков состанок во март, доколку е можно, во согласност со ситуацијата со Ковид-19 во Њујорк, се разбира. Предложивме дека може да се одржи во Женева, бидејќи времето се ближи“, рече Чавушоглу.
„Заедничкиот став на Турција и ТРСК што треба да биде прикажан на состанокот и чекорите што треба да се преземат треба да бидат разгледани за време на состаноците со официјалните претставници на кипарските Турци“, додаде тој.
Премиерот на ТРСК, Санер, рече дека причината за неможноста да се дојде до решение на островот се должи на неподготвеноста на кипарските Грци да споделат нешто со кипарските Турци низ историјата на ова прашање.
„Кипарското прашање е единственото досие кое е најдолго нерешливо за ОН“, рече Санер, истакнувајќи дека турската „активна и реална“ позиција на гарант во кипарското прашање е од „витално значење“ за ТРСК.
По средбите со Сенароглу и Санер, највисокиот турски дипломат се состана со неговиот колега од ТРСК, Тахсин Ертугрулоглу, и му честиташе за новото назначување на оваа позиција.
„Ние како Турција секогаш сакаме да работиме во хармонија со ТРСК... Ќе се состанеме, ќе одлучиме и ќе ги браниме правата на ТРСК и кипарските Турци заедно“, рече Чавушоглу за време на состанокот со Ертугрулоглу.
Истакнувајќи дека силна Турција ќе значи силна ТРСК, Ертугрулоглу изрази задоволство што го пречекал неговиот турски колега.
Тој исто така го коментираше неформалниот состанок на ОН за кипарското прашање.
„Деталите, обичните теми и мерките за градење доверба нема да бидат дискутирани на состанокот. Целта на состанокот 5 + 1 е да се утврди дали постои заедничко тло“, рече тој.
Кипар е поделен на два дела во 1974 година, кога кипарските Грци, извршувајќи државен удар, започнаа бран насилства врз кипарските Турци, што предизвика реакција од Анкара, која оттогаш е гарант на мирот во северниот дел на островот.
Со децении наназад имаше неколку обиди за решавање на кипарскиот спор, кои завршуваа со неуспех. Последниот состанок, одржан во 2017 година во Швајцарија со учество на земјите гаранти - Турција, Грција и Велика Британија - исто така заврши без напредок.
Турската Република Северен Кипар е основана во 1983 година.
Турција неодамна нагласи дека напорите за федерално решение за поделениот остров Кипар се покажале безнадежни и дека идните разговори мора да се фокусираат на две одделни суверени држави на островот.