İsmail Fidan
11 Јануари 2020•Ажурирај: 12 Јануари 2020
АНКАРА
Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, во врска со повикот за примирје во Либија порача дека од Русија очекуваат да го убедат Хафтар и со тоа да се преземе чекор кон мирот во Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу се состана со министерката за надворешни работи и регионална интеграција на Гана, Ширли Бочвеј, а по средбата одржаа заедничка прес-конференција.
Претседателите на Турција и Русија на 8 јануари ги повикаа завојуваните страни во Либија до 12 јануари да ги завршат непријателствата и да започнат политички дијалог.
Во врска со овој апел Чавушоглу изјави дека од руските пријатели, во однос на тоа прашање очекува да го убедат Хафтар, според договорот што го постигнаа претседателите на Русија и Турција.
„Кога ќе се дојде до разговор за политичко решение, немаме проблеми сите да бидат дел од тоа, вклучувајќи го и Хафтар. Но првенствено ќе го почитуваме примирјето. Се надевам дека Русија ќе го убеди Хафтар и дека наскоро ќе можеме да преземеме чекори за мир во Либија“, порача Чавушоглу.
Министерството за одбрана на Турција вчера потврди дека примирјето во сириски Идлиб стапува на сила на полноќ, на 12 јануари во 00:01 часот.
„Се надеваме дека примирјето во Идлиб ќе биде трајно“, рече Чавушоглу.