Bayram Altuğ,Uğur Çil
29 Април 2017•Ажурирај: 29 Април 2017
ВАЛЕТА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, по состанокот со официјалните лица на ЕУ во Малта, изјави дека ЕУ ги сфатила своите грешки кон Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Видов денес една позитивна атмосфера, а исто така видов дека ја сфатиле својата грешка. Секако, ако се искрени”, изјави Чавушоглу, кој во Валета се состана со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, комесарот за проширување Јоханес Хан и шефот на германската дипломатија Сигмар Габриел.
По неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ (Gymnich), Чавушоглу во изјава за АА, потврди дека шефовите на дипломатиите на ЕУ на состанокот донеле одлука за продолжување на дијалогот и соработка со Турција.
Чавушоглу порача дека пратил многу јасна порака, а таа гласела: „ Доколку сакате дијалог и соработка, тогаш тоа мора да бидат искрени и вистински дијалог и соработка. Мораат да бидат далеку од двојните стандарди”.
Турскиот министер уште еднаш подвлече дека неговата земја е подготвена за отворање на сите поглавја во преговорите со ЕУ.
„Нашиот проблем не е технички. Препреките кои се пред нас се политички”, истакна Чавушоглу, и продолжи:
„Денес видов дека извлекле поука од своите претходни ставови и грешки. Се надевам дека се искрени. Јас можев да приметам позитивна атмосфера. Но, ако се испостави дека не се искрени, истата таа атмосфера може веднаш да биде нарушена”.
Могерини денес изјави дека Турција не е само земја кандидат за членство во ЕУ, туку и стратешки партнер на ЕУ.
„Од перспектива на ЕУ, можеме да кажеме дека преговорите околу членство се продолжуваат. Не се замрзнати, не се ни завршени”, изјави, меѓу останатото, Могерини.