Ayşe Şensoy Boztepe
17 Октомври 2021•Ажурирај: 19 Октомври 2021
АНКАРА (АА) – Али Ербаш, претседателот на Управата за верски работи на Република Турција - Дијанет, упати пригодна честитка по повод роденденот на последниот божји пратеник Мухамед, денот што има посебно духовно значење во исламот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Универзалните пораки на Куранот, доблестите кои божјиот пратеник Мухамед му ги пружил на човештвото и неговиот морален пример преполн со мудрост, се единствено средство за спас на човештвото“, рече Ербаш во пораката.
Ербаш истакна дека човештвото, кое ја изгубило насоката во ерата на темнината кога светот сè уште не бил осветлен од светлото на исламот, го пронашло правиот пат со доаѓањето на Мухамед.
„Неговиот живот, обележан со едноставните принципи на Куранот, е најсилниот правец за оние кои сакаат да го обноват животот со морални вредности и да живеат во вистинската насока“, истакна тој.
Како што кажа, човештвото во моментот поминува низ еден од најтешките периоди во историјата, додавајќи дека атмосферата на мирот и довербата исчезнала во периодот кога моралните и правните вредности најмногу се изместиле.
„На човештвото, кое денес се соочува со глобални промени, потребни му се вредностите кои ги нуди божјиот пратеник Мухамед, чии пораки надминуваат векови“, рече Ербас.
Муслиманите низ светот го прославуваат 12 Реби ул евел, а тој ден се разликува од земја до земја според лунарниот календар.
Реби ул евел е третиот месец од исламскиот календар. За време на овој месец муслиманите низ светот го одбележуваат мевлуд - роденденот на божјиот пратеник Мухамед.
Мевлуд, денот на раѓањето на Мухамед, во исламската традиција се одбележува на 12 Реби ул евел по лунарниот, хиџретски календар.
Тој ден е државен празник во неколку земји со мнозинско муслиманско население, меѓу кои се Пакистан, Индонезија, Малезија, Бангладеш и некои делови од Индија.
Мухамед, според исламот, е последниот божји пратеник, кој му е пратен од Бога на целото човештво како би ја потполнил оригиналната монотеистичка вера на сите пратеници пред него, Адем (Адам), Ибрахим (Аврам), Муса (Мојсеј), Иса (Исус) и други пратеници.
Роден во април 570 година во градот Мека, Мухамед останал без родители во раната младост и затоа бил пораснат од неговиот чичко Ебу-Талиб. Починал на 8 јуни 632 година во Медина.