Nilay Kar
04 Јули 2019•Ажурирај: 05 Јули 2019
НЕВШЕХИР (АА) - Десетици шарени балони го разубавија небото над Кападокија, шармантното туристичко место во Турција познато по самовилските оџаци, јавува Anadolu Agency (AA).
На Меѓународниот фестивал со балони во Кападокија, кој трае од 3 до 7 јули, се собраа сопствениците на балони од десетици земји на светот.
За настанот, кој го организира Општина Ургуп во областа Невшехир, меѓу останатите се пријавени и учесници од Соединетите Американски Држави, Шпанија, Велика Британија, Бразил и Мексико. За петдневниот фестивал голем интерес покажаа и локалните жители и туристи.

Илхами Акташ, гувернерот на Невшехир, нагласи дека фестивалот е многу значаен и поради промоција на регионот.
„Долгоочекуваниот фестивал започна во средата. Наредните денови на небото ќе можеме да видиме различни фигури. Ќе можеме да видиме многу подобри учесници отколку на останатите вакви фестивали низ светот“, рече Акташ.
Кападокија е една од најпознатите туристички дестинации во Турција каде што се спојуваат убавините на природата и историјата, формирајќи еден од најубавите крајолици на светот, кој настана со ерозија на вулканска пепел. Додека геолошките движења формираа бели самовилски оџаци, луѓето за време на историјата во Кападокија оставија траги на цивилизацијата, градејќи до камењата куќи и претворајќи ги во ремек-дела.
Кападокија е на Листата на светско наследство на УНЕСКО.