Ekipa
02 Февруари 2017•Ажурирај: 03 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим по состанокот со германската канцеларка Ангела Меркел, која е во посета на Турција, изјави дека тероризмот е проблем на целиот свет, а не само на одредени земји, јавува Anadolu Agency (AA).
„Тероризмот не е само проблем на Германија и на Турција. Тероризмот е проблем на целиот свет. Тоа е многу голема закана и за Америка. Америка ја плати највисоката цена од терористите на Ал Каеда. Затоа мислам дека е одговорност на сите нас регионот да го расчистиме од сите терористички организации, особено од ДЕАШ", рече Јилдирим.
Тој истакна дека Турција очекува многу поголема поддршка од германските власти во борбата против терористичката организација ФЕТО.
„Потребна ни е уште поголема поддршка од Германија во борбата против ФЕТО. Покрај тоа, овие организации можат слободно да извршуваат активности во европските земји. Овие терористички организации денес предизвикуваат болка во Турција, но јас сум сигурен дека некогаш во иднина може да станат голема закана и за цела Европа. Затоа, нашата соработка во борбата против тероризмот е од витално значење", рече Јилдирим.
Тој нагласи дека за време на денешната средба со Меркел разговарале за понатамошното јакнење на односите меѓу двете земји.
„Имавме можност да разговараме за унапредувањето на билатералните односи во областа на безбедноста и економијата", рече Јилдирим.
Тој додаде дека се разговарало и за заживување на односите со Брисел, и за чекорите кои треба да се преземат во врска со прашањето за членство на Турција во Европската Унија (ЕУ).
Изрази благодарност до германската канцеларка за солидарноста која ја покажа по обидот за пуч во Турција на 15 јули.
„Со денешната посета на Меркел истакната е важноста на солидарноста во однос на ова прашање. Турција е правна држава. Сите оние кои се одговорни ќе бидат казнети во согласност со законот", рече Јилдирим.
Меркел: Секој може да биде мета на терористите, тоа сите го гледаме
Германската канцеларка Ангела Меркел по состанокот со премиерот на Турција Бинали Јилдирим во Анкара, изјави дека турските власти направиле значителни напори во врска со договорот за бегалците постигнат минатата година со Европската Унија (ЕУ).
„Намален е бројот на бегалците и преземени се бројни конкретни чекори во врска со прашањето на нивна интеграција. Од таа причина е потребно ЕУ што поскоро да го обезбеди својот финансиски придонес", рече Меркел на конференцијата за медиумите.