ИСТАНБУЛ (АА)
- Нурѓул БЕКАР
На почетокот на приказната за европската интеграција, беа направени обиди за безбедносни и одбранбени прашања, но овие чекори, кои не ја вклучуваа Германија, не го дадоа посакуваниот резултат.
Со отфрлањето на договорот за Европската одбранбена заедница од страна на францускиот Парламент во 1952 година, стана јасно дека напорите во оваа насока се нарушени.
[Западна] Европа обезбеди безбедносна гаранција против Источниот блок кога се вклучија Соединетите Американски Држави (САД) и се воспостави Северноатлантскиот сојуз (НАТО).
Европа, која со текот на годините ги прошири и напредуваше со своите економски интеграции, своите безбедносни прашања главно ги остави на НАТО.
Промената на системот во меѓународната политика во 90-тите години на минатиот век придонесе Европската Унија (ЕУ) да има нови потреби. Една од тие потреби беше ЕУ во областа на безбедноста и одбраната да изнесе своја иницијатива.
ЕУ, која не можеше да ја запре војната на Балканот и да спречи смрт на десетици илјади луѓе без НАТО, во 90-тите години започна неколку иницијативи за продлабочување на заедничката надворешна политика и за безбедносните и одбранбените прашања. Во тој период во разни области испрати воени и полициски сили во име на Унијата.
Договорот од Мастрихт, кој стапи на сила во 1993 година, имаше за цел да воспостави соработка во насока на заедничката надворешна и безбедносна политика, која беше ставена во системот како втора колона од триколонската структура на организацијата.
- Потрага на Брисел за стратешка автономија
Надворешните, безбедносните и одбранбените политики, кои се вклучени во областа на „високата политика“, сѐ уште остануваат во рамките на националниот суверенитет на земјите членки.
Постојаната структурирана соработка за безбедност и одбрана (PESCO) која се појави во 2018 година, е чекор кон развој на механизам што ќе овозможи заедничко дејствување во Унијата во областа на безбедноста и одбраната.
ПЕСКО е проект за развој на механизмите за заземање заеднички став во областа на безбедноста и одбраната во рамките на Унијата, и најмногу е поддржан од Франција, една од земјите членки. ПЕСКО не е одговор на прашањето „Дали се формира европска армија?“
Во овој контекст, ПЕСКО е значаен во смисла да ја покаже волјата на ЕУ да произведе заедничка политика за надворешни, безбедносни и одбранбени прашања само меѓу земјите членки, надвор од НАТО. Последниот пример во овој контекст е документот со наслов „Стратешки компас на ЕУ“, усвоен неодамна.
Документот „Стратешки компас“, иницијатива на Германија, која го презеде ротирачкото Претседателство со ЕУ во јуни 2020 година, и кој се планира да се заврши во период од две години (предвидено да биде финализиран за време на француското Претседателство со ЕУ во пролетта 2022 година), главно се должи на кризите со кои се соочува ЕУ.
Во првата дефиниција на германската канцеларка Ангела Меркел беше предвидена „Бела книга“, која ќе ги дефинира стратешките интереси и целите на Унијата. Подоцна германското Министерство за одбрана го спомна „стратешкиот концепт“ и конечно беше одлучено да се воспостави „Стратешки компас на ЕУ“, со цел да се рефлектираат заедничките цели.
Документот „Стратешки компас“ се состои од четири главни теми: Управување со кризи, моќ, развој на можности и соработки.
Целта на овој документ, на кој лидерите на ЕУ работеа на онлајн конференцијата одржана на 25-26 февруари 2021 година, е да создаде автономна стратегија за безбедност и одбрана, автономна од САД. Тоа значи дека ќе се воспостави поинакво разбирање за безбедноста и одбраната, различна од НАТО. Тоа може да го разбереме и од проценката на Жозеп Борел, високиот претставник за надворешни односи и безбедност на ЕУ.
Според зборовите на високиот претставник Борел, со подготовката на овој документ, ЕУ изготвува план за стратегија за безбедност и одбрана, кој е автономен од НАТО и е единствен за ЕУ.
Со други зборови, за ЕУ, документот „Стратешки компас“ е еднаков на стратешката автономија во областа на безбедноста и одбраната.
Друга точка која не треба да се занемари во оценките на високиот претставник Борел е изјавата дека ЕУ сака повеќе да биде партнер на НАТО отколку да биде како семејство. Овие зборови на Борел, искажани по изборот на Џо Бајден, особено по ерата на Трамп, кога односите не беа многу сјајни, исто така ја изразуваат желбата на ЕУ да ги ажурира своите односи со НАТО и со САД.
- Може негативно да влијаат на односите со Турција
Како и повеќето други актери во меѓународната политика, и ЕУ беше неподготвена за периодот на пандемијата и даде многу лош тест во однос на солидарноста.
Наместо дебатите за „распаѓање“ на почетокот на епидемискиот процес, денес ЕУ вложува напори за изготвување на независен или автономен патоказ за безбедносни и одбранбени прашања надвор од НАТО. Тоа треба внимателно да се оцени од третите страни кои имаат односи со ЕУ.
Во основата на овој документ на ЕУ лежи Извештајот за анализа на закани и ќе се дефинира кои се заканите за ЕУ. Во овој момент „Стратешкиот компас на ЕУ“ е од особена важност за Турција, бидејќи неодамна ЕУ ја опиша Турција како „непредвидлив сојузник“.
На Турција се гледа како директна закана, особено од Грција и Администрацијата на кипарските Грци, поради прашањата на Егејското Море и Источниот Медитеран.
Кога се разгледуваат неодамнешните случувања на истокот на Средоземното Море, и покрај тоа што содржината на текстот на „Стратешкиот компас“ сѐ уште е скриена – има опасност Турција во тој текст да биде истакната како закана за ЕУ.
Во време кога преговорите меѓу ЕУ и Турција вистински не функционираат, ваквата идентификација во официјалните документи ќе предизвика нови проблеми во односите во иднина.
Во овој контекст, би било корисно да се вклучи уште една проценка на високиот претставник Борел; Борел нагласува дека по изборот на Бајден треба да се воспостават нови трансатлантски односи врз основа на „еднаквост“.
Обновата на трансатлантските односи ќе значи и обнова на безбедносните односи меѓу Турција и ЕУ.
Друг забележителен чекор на ЕУ во рамките на трансатлантските односи беше презентацијата на нејзиниот план за реформи во НАТО на крајот на минатата година.
Иако не се гледа дека е можно 27-те земји членки да се согласат во дефинирањето на заедничките закани, обидот да се надминат негативните сценарија за иднината на ЕУ со иницијативи како што е „Стратешкиот компас“, ако не се формулира добро, има потенцијал да ги оштети другите односи на ЕУ.
Покрај тоа, дури и можноста Турција формално да се дефинира како закана, ќе го компликува обновувањето на односите меѓу двете страни.
Добро, што ќе се случи ако односите не се поправат? Во таа рамка треба да го повториме следното: ЕУ и Турција, надвор од дебатите за полноправно членство на Турција, зависат една од друга. Оттука, спокојот кај двете страни многу зависи од нивните односи. Затоа, промашувањето на „компасот“ нема да претставува ситуација која ќе ја преферираат и Турција и Европската Унија (ЕУ).
[Д-р Нурѓул Бекар, член на Катедрата за политички науки и меѓународни односи при Универзитетот „Уфук“]