ПРИШТИНА (АА) - Сибел Везај
Поранешниот премиер на Република Косово и лидер на партијата Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, во интервју за Anadolu Agency (AA) говорејќи во однос на политичката ситуација во Македонија рече дека нема да се меша во суверените одлуки на народот на Македонија во формирањето на владите, без разлика кој е задолжен.
„Не се мешаме во одлуките таму. Она за што ние се грижиме е положбата на Албанците во Македонија. Тие се староседелци, во нивната сопствена земја, имаат свои права и ние сме заинтересирани за правата на Албанците таму“, истакна Харадинаj.
- Интерес за продлабочување на односите со Македонија
Тој изрази интерес за продлабочување на односите со Македонија. „Доколку се однесуваат пријателски, и ние се однесуваме пријателски. Ако се однесуваат непријателски, како во случајот со Србија, тогаш сме непријатели“, рече тој.
Во интервју за АА, Харадинај зборуваше за важните процеси во Косово, за односите со земјите од регионот, за договорот за Заедницата на општините со српско мнозинство, договорот за демаркација на границата помеѓу Косово и Црна Гора, формирањето на Специјалниот суд, односите меѓу Косово и Турција, и други важни теми.
Харадинај, како кандидат за премиер на предизборната коалиција на Демократската партија на Косово – Алијанса за иднината на Косово и партијата НИСМА за Косово (ПДК - ААК - НИСМА), наведува дека принципот во формирањето на оваа коалиција не е поддршка за продолжување на логиките на претходната влада. Според него, ова е нов почеток, со нов начин на владеење, каде што сега премиерот ќе дојде од партијата што досега била во опозиција.
- „Ако Србија се однесува непријателски, ние секогаш ќе возвратиме со реципроцитет“
Харадинај рече дека е за дијалог со сите соседи, но дека Србија се однесува непријателски кон Косово. „Ако тие се однесуваат непријателски, ние секогаш ќе возвратиме со реципроцитет“, рече тој, додавајќи дека во овој процес ќе ги претставуваат интересите на Косово и одлуките на Собранието и Уставот на Косово, кое е суверена, независна држава, признаена од многу земји.
„Не планираме да продолжиме со дијалогот само колку да се рече дека се развива дијалог, ако во дијалогот целосно има почит кон тоа кои сме, тогаш да, ние сме за дијалог. Ако постојат позиции или други ситуации, ќе ги игнорираме. Ќе ги познаваме само оние кои нѐ познаваат, ќе ги почитуваме само оние кои нѐ почитуваат“, рече Харадинај.
- Договорот за Заедницата веќе не важи, демаркацијата ќе има нова верзија
Според Харадинај, договорот за Заедницата на општини со српско мнозинство бил грешка на владата на Иса Мустафа, бидејќи, според него, не се консултирал Парламентот. Тој рече дека Парламентот и народот на Косово реагираа на овој договор и дека „тој веќе не важи“, бидејќи, како што вели, Уставниот суд го отфрли овој договор.
Во однос на Договорот за демаркација на границата меѓу Косово и Црна Гора, Харадинај рече: „Овој договор за демаркација на границата не е во ред. Ние губиме територија. Ќе создадеме нова комисија, ќе ја донесеме вистинската верзија и ќе преговараме со Црна Гора, бидејќи таа е наша соседска и пријателска земја. Значи, не мислиме дека вината е на страната на Црна Гора, туку дека тоа е наша грешка и ние ќе ја исправиме. Веднаш ќе ги информираме владите на ЕУ, затоа што тие неправедно ја ставија демаркацијата како услов за визната либерализација, за да се овозможи слободно движење на граѓаните на Косово“.
Во врска со трансформацијата на Косовските безбедносни сили во вооружени сили, Харадинај рече дека и следните избрани претставници на косовските Срби ќе ги поддржат уставните измени во овој процес и дека ќе разберат дека противењето на оваа трансформација „е игра на официјален Белград за нивните агенди, а не во интерес на косовските Срби“.
- „Постапувањето по потерницата на Србија е срам за Франција“
Зборувајќи за неговото задржување во Франција околу четири месеци, врз основа на потерница од Србија, Харадинај истакна дека нема да биде должен кон Србија во кој било аспект и нагласи дека се чувствува задоволен со својата улога за време на војната за ослободување на Косово.
Тој исто така потсети дека Србија претходно има изречено затворска казна и за поранешниот француски претседател Жак Ширак, за воени злосторства извршени во последната војна во Косово. „Срам е за овие земји, значи за секоја земја, како што е Франција во овој случај, постапувањето по потерница којашто датира од 2004 година, на еден правен систем што го осуди нивниот претседател Ширак. Тие не го уапсија нивниот претседател Ширак, но си дадоа право да уапсат поранешен премиер на друга земја избран од народот, што е апсурдно“.
- „Формирањето на Специјалниот суд е врз основа на етничка припадност“
Харадинај, зборуваше за формирањето на специјалниот суд, и како еден од командантите на ОВК, изрази уверување за невиноста на оваа армија. Тој вели дека не знае кој може да биде или кој е обвинет од страна на овој суд. Исто така, додаде дека ниту ова политичко мешање однадвор нема да го запре Косово на неговиот пат.
„Бев против неговото формирање, бидејќи се заснова на етничка основа. Само на Косово не му беше овозможено да суди за тоа што се случило во војната. Има десетици масакрирани Албанци од Косово, деца, жени и постари лица за кои никој не суди. Значи ова е грешка, сепак, Косово ги презема своите обврски кон судот“, рече Харадинај.
- Либерализацијата на визниот режим, недалечен процес
Харадинај рече дека визната либерализација е недалечен процес, кој нема да потрае долго. Според него, тоа ќе донесе олеснување и во решавањето на прашањето за визниот режим со Босна и Херцеговина, кој исто така е кандидат за членство во ЕУ. Тој додаде дека иако нема политички договор за признавање на Косово, не треба да биде дозволено блокирањето на граѓаните.
„Ние сме подготвени да напредуваме, не би сакале на кој било начин да го попречуваме слободниот промет. Имаме традиција на добри односи со Санџак, на пример, сме во крвно сродство, но и со Сараево имало традиција и одлична размена, и тоа е во интерес токму во тој дух, кој беше прогласен од страна на ЕУ, во движењето на стоки, луѓе и идеи. Сметаме дека е во интерес решавањето на ова прашање“, посочи Харадинај.
- „Добрите односи со Турција се наш интерес“
Поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај исто така зборуваше и за односите меѓу Косово и Турција, проценувајќи дека овие две земји отсекогаш имале традиција на добри односи.
„Постои голема наша заедница раселена од Косово. Ние имаме многу добри односи со Турците на Косово, кои се сојузници во процесите од национален интерес на Косово. Турција има голем придонес во признавањето и ние ќе ја зачуваме оваа традиција на добри односи со Турција. Тоа е наш интерес“, изјави Харадинај.
На крајот, Харадинај рече дека за време на постизборниот период, оваа земја ја очекува едно подинамично Косово, со територијален интегритет, целосен суверенитет, безбедни граници, со своја војска и економска живост. „Значи поинакво Косово, со нов почеток“, нагласи тој.