Bekim Laci
28 Ноември 2018•Ажурирај: 29 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во Македонија нема официјални податоци за бројот на лицата што немаат државјанство и не поседуваат ниту еден личен документ, а едно истражување на невладините организации покажува бројка од 596 лица, која фактички може да порасне до 2.000 лица без идентификација, јавува Anadolu Agency (AA).
Ова беше една од констатациите на дебатата на тема „Системски решенија за регистрација на лицата без документи и спречување граѓаните да останат без државјанство“, која се одржа денес во Скопје, каде што беше нагласено дека најголемиот број од овие лица се од ромската заедница, а и бројот на лица од албанската заедница не е занемарлив.
Тема на дебатата беше анализата реализирана од универзитетскиот професор Борче Давитковски, за предлозите во врска со решавањето на овој проблем, подготвена во соработка со меѓународните организации УНХЦР и ОБСЕ, каде што тој предлага решение преку измени во Законот за матична евиденција и преку измени во Законот за вонпарнична постапка.
Премиерот на Македонија, Зоран Заев, кој беше дел од дебатата, нудејќи ја неговата целосна поддршка за решавањето на овој проблем, истакна дека концептот „едно општество“ никогаш нема да се реализира во случај и само еден граѓанин да остане надвор од институционалната грижа, нешто што се случува со категоријата граѓани кои не се регистрирани во Матичната книга, со што се лишени од правно-граѓански идентитет во сите здравствени и трудови институции.
Заев нагласи дека се ангажирани концептот „едно општество“ да биде реализиран, а не да биде само политичка декларација.
„Ги создаваме предусловите за да го оствариме тоа. Фундаментално е почитувањето на сите човекови права и слободи, секаде, секому и во секое време, како и владеењето на правото и на национално и на меѓународното право, за секој член на нашето општество без разлика на неговата или нејзината етничка, политичка припадност и социјална положба“, додаде Заев.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски, предлагач на законските измени, истакна дека овој проблем датира од независноста на Македонија, а изрази радост за сериозниот пристап за решавањето на овој проблем.
Давитковски рече дека проблемот лежи кај феномените што ги гледаме на семафорите, на улица, лица за кои рече дека се без идентитет и без граѓански статус.
„Кај нас лица коишто се евидентирани се 650, тоа е одлично што се направи. Но, знаете, секогаш светлата бројка крие темна бројка. Оваа бројка сигурно мислам дека е од прилика 1500 - 2000 граѓани, кои не можат ниту едно свое право да остварат“, нагласи Давитковски, додавајќи дека со добра волја, проблемот може да се реши до крајот на годината.
Дел од дебатата која продолжува во текот на денот се министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар, претставникот на УНИЦЕФ во Скопје, Дејан Кладарин, како и шефот на Мисијата на ОБСЕ, Клемес Која, кои заедно со претставниците на државните институции и невладините организации ќе разговараат околу модалитетите на решавање на проблемот со граѓаните без идентитет.
Во 2011 година Македонија ја потпиша Декларацијата од Загреб со што ја презеде регистрацијата на граѓаните во Матичната книга, за што е формирана работна група со претставниците на Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, УНХЦР, ОБСЕ, и невладините организации за да се направат конкретни чекори кон решавање на проблемот.