Bekim Laci
21 Февруари 2019•Ажурирај: 22 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Државата не успеа во третирањето на децата во социјален ризик, како што се корисниците на дрога и уличните деца, бидеќи не изгради посебни институции и програми за нивното третирање. Ова е констатација на тркалезната маса „Потреби, предизвици и решенија – Што можеме заедно за децата во социјален ризик?“, организирана од страна на Здружението ХОПС - Опции за здрав живот - Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на оваа тркалезна маса, истакнаа од ХОПС, била да седнат на иста маса невладините организации, претставниците на меѓународните организации и државните институции кои се занимаваат со проблемот на децата во социјален ризик, за да ги разгледаат можностите за нивното ресоцијализирање.
Драги Целевски од институцијата Народен правобранител, во изјава за медиумите истакна дека анализите добиени од центрите за социјална работа покажуваат дека ситуацијата воопшто не е подобрена во споредба со изминатите години, и тоа, како што рече, поради несоодветниот кадар кој работи со овие деца, лошите услови во градинките каде што се третираат децата и од недостигот на програма за рехабилитација и ресоцијализација.
„Надлежните во делот на остварување на правата на децата, пред сѐ, почнувајќи од родителите, па образовните институции, потоа институциите за згрижување на децата, центрите за социјална работа, па здравствените институции и слично. Сите тие преземаат и треба да преземаат дејствија за заштита на правата на децата“, рече Целевски, според кого законите постојат, но недостига нивното спроведување.
Влатко Деков од ХОПС нагласи дека Владата минатата година формирала работна група за подготовка на програмата за третман и грижа на децата корисници на дрога, која се очекува да се финализира наскоро и да се одобри оваа година од страна на Владата, која ќе додели финансиски средства за нејзиното спроведување, бидејќи моментално нема некоја адреса на која децата корисници на дрога можат да бидат испратени за третман.
„Тоа е клучниот проблем за санирање на проблемот со употребата на дроги помеѓу малолетните граѓани, пред сѐ, затоа што досега ние немавме програма за лекување за деца. Овој проблем го потенциравме во изминативе 9-10 години. Конечно, сега се надеваме дека овој проблем ќе биде решен“, истакна Деков, кој алармираше дека бројот на децата корисници на дрога не е воопшто намален од изминатите години, бидеќи само ХОПС оваа година регистрирала седум деца кои не биле контактирани претходно.
Жаклина Дурмиш од невладината организација „Ден до вас“ од Скопје, укажа на игнорирањето кое општеството им го прави на уличните деца, на питачите и на децата кои собираат пластика, од кои, како што рече, бегаме кога ги гледаме на улица.
„Лично сметам дека овде ни потфрла образовниот систем, сево ова треба да го имаме во системот, почнувајќи од основното образование, за да изградиме совесни граѓани, кои самите ќе реагираат да укажуваат на состојби од терен до институциите или до невладините организации“, додаде Дурмиш.