САРАЕВО (АА) - Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, во своето обраќање на Самитот на премиерите на Западен Балкан, кој се одржува во Сараево, порача дека не треба да се губат ваквите можности за соработка кога станува збор за Западен Балкан, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што изјави тој, во Сараево успеале да обединат шест премиери од регионот, што претставува добар сигнал.
„Тука сме за да кажеме нешто, дека сме на половина пат помеѓу Париз и Трст и дека можеме и понатаму да работиме на овој план. Идејата за овој процес е регионот да се подготви да стане член на ЕУ. Овој состанок е нешто што мора да донесе повеќе. Сега сме во состојба во која неколку земји минуваат низ тешки внатрешни политички кризи, можеби етнички тензии. Тоа треба да се реши. Брисел му испраќа јасни и силни сигнали на овој регион. ЕУ како целина во потполност ја разбира сериозноста на состојбата во регионот“, истакна Хан.
Тој потсети дека во БиХ, неодамна била и високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, која ги потврди овие пораки.
Хан изјави дека европските лидери и понатаму се посветени на овој проект и дека нивните премиери ја разбираат политичката стратегија во процесот на интеграциите.
Тој потсети дека се потпирале на нив за време на мигрантската криза, кога регионот бил на удар.
„Мојата порака е дека сите ние заедно, вие, ние, ЕУ, Европскиот совет и Комисијата, не треба да ги разделуваме овие ситуации. Европските лидери сега сфаќаат колку е важно да се соработува и да се работи со вас. Мораме да работиме заедно, тоа е процес во кој мораме да работиме заедно и затоа сум благодарен што сте вие тука. Сега е вистинското време лидерите на овој регион да преземат лидерска улога за да се надминат некои проблеми што влијаат на внатрешната состојба, повеќе да не се губат вакви можности за ваква силна соработка“, истакна Хан.
Според неговите зборови, состојбата е таква што земјите добиле ветер в грб и сега мораат постојано да го следат развојот на состојбата, да ги пробијат границите и да го искористат тој позитивен ветер.
„Сега имаме една таква можност кога регионот ќе го искористи моментот и ќе имаме позитивни пораки или едноставно ќе ја затвориме таа врата на можности поради некои лоши пораки. Мислам дека не треба да си играме со оган, сите сме свесни за тоа. Ве молам, да покажеме лидерство на државници како што го направивте тоа и претходно“, нагласи Хан.
Како што изјави тој, тоа е дури и во интерес на ЕУ и дека треба да се свртиме кон обврските бидејќи имаме многу задачи до самитот, кој ќе се одржи за неколку месеци.
Хан истакна дека тие ја дале иницијативата како да се интегрира регионот, и во изминатите три години фокусот бил ставен на поврзувањето. Меѓутоа, според неговите зборови, сега е време планот на работата да се насочи кон физичка поврзаност на патиштата, железниците и поврзување на економските пазари.
Тој појасни дека внатрешната трговија не растела доволно.
„Западните земји мораат во потполност да бидат вклучени во светската трговија, мораме да знаеме што тргуваме. Треба со заедички сили да го решавате ова прашање. Мора да се зголеми степенот на економската интеграција. Многу е важен економскиот ефект на вашите земји за од првиот дел на пристапувањето да станете полноправен член на ЕУ“, истакна Хан.
Тој изрази цврсто уверување дека доколку инсистираме на економијата, сето тоа ќе го зајакнува владеењето на правото, што е важно и за инвеститорите.
„Економијата е најитно прашање коешто ќе доведе до значаен напредок во правец на европските интеграции. Тое е предуслов да ги убедиме европските граѓани за дополнителната вредност. Предлагаме заеднички пазар на Западниот Балкан, како основа за пристапување во иднина, а нашата амбиција е да ги отстраниме пречките и да создадеме единствен економски простор и пазар. Долгорочната цел е да се интегрира заедничкиот пазар на Западен Балкан во внатрешен пазар на ЕУ“, порача Хан.
news_share_descriptionsubscription_contact
