Husamedin Gina
27 Мај 2021•Ажурирај: 28 Мај 2021
СКОПЈЕ
Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност, денеска во Музејот на македонската борба во Скопје го одбележа 14 мај – Ден за подигнување на јавната свест за лицата со параплегија во светот и 30 мај – Светскиот ден на лицата со мултипла склероза, при што беше пренесен апелот институциите на државата да ги слушнат барањата на лицата со телесен инвалидитет, јавува Агенција Анадолија (АА).
Милан Живковиќ, советник на премиерот за труд и социјална политика, истакна дека владините мерки и заложби се во насока Северна Македонија да биде земја без пречки за лицата со телесен инвалидитет.
Пренесувајќи го поздравот на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, Живковиќ потсети дека Владата во изминатите години, заедно со организациите на лицата со попреченост направила многу работи за лицата со попреченост во Северна Македонија.
„Но, секако можеме и до некое подобро ниво. Тоа можеме да го направиме единствено заедно. И затоа сум тука да ги пренесам владините ставови, мерки и заложби, нашата држава да ја направиме навистина земја без пречки. До крајот на мандатот имаме дадено ветување дека сите државни институции на локално и на централно ниво ќе бидат достапни за сите“, нагласи Живковиќ.
Претседателот на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет Македонија – Мобилност, Бранимир Јовановски, истакна дека со оглед на мерките за Ковид-19 и со оглед на незавидната состојба, денеска, заедно со другите организации организирале настан за подигнување на повисоко ниво на свесноста во општеството за потребите на лицата со мултипла склероза, параплегија и дистрофија.
„Лицата со телесен инвалидитет не се хомогена група. Тие се разликуваат и меѓу дијагнозите, меѓутоа, и во рамките на самата дијагноза. Некому му е потребна поголема поддршка и помош за да може да се вклучи во општеството“, рече Јовановски.
Наведувајќи дека апелираат до институциите на државата да ги слушнат барањата на лицата со телесен инвалидитет, Јовановски рече дека се надеваат дека ќе бидат разрешени и ќе бидат спроведени во практика.
Лицата со телесен инвалидитет бараат лицата кои се наоѓаат во социјална осаменост или изолација да излезат од таквата осаменост и да се поврзат со семејството, заедницата, здруженијата, градот, државата и пошироко.
Тие, исто така, од институциите на државата бараат подобрување на инфраструктурата во градот и надвор од градот во однос на пристапноста до институциите, подобри здравствени услуги, користење на бањски лекувања и непречено добивање на надоместоци за нега и помош.
Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност информира дека во нивната организација доброволно членуваат вкупно 8.300 лица со попреченост, од кои 2.400 се од Скопје.