Samir Kajoševic
26 Август 2020•Ажурирај: 28 Август 2020
ПОДГОРИЦА (АА) - Директорот на Управата на полицијата на Црна Гора, Веселин Вељовиќ, предупреди дека на денот на изборите во земјата се планираат инциденти и немири, јавува Агенција Анадолија (AA).
Тој рече дека полицијата има оперативни податоци дека поединци и групи планираат да предизвикаат инциденти и немири на денот на парламентарните избори.
„Нашите сознанија укажуваат на тоа дека овие луѓе преку социјалните мрежи и други канали повикуваат за време на гласањето и по затворањето на избирачките места граѓаните да излезат на улиците, да предизвикуваат немири и да го нарушуваат јавниот ред“, додаде тој.
Вељовиќ предупреди дека полицијата во сите градови ќе постапува одлучно и одговорно, и дека сите лица кои ќе предизвикуваат немири ќе одговараат пред законот.
„Оние кои ќе покажат деструктивно и екстремно однесување, кои ќе предизвикаат граѓанска нестабилност и ќе ги прекршат законските прописи, ќе бидат спречени и ќе сносат одговорност. Ги повикувам граѓаните сите заедно да ја споделиме одговорноста и да ги сочуваме граѓанските и цивилизациските вредности на општествената заедница како заедничко добро и интерес на секој поединец и семејство“, апелира Вељовиќ.
Во Црна Гора на 30 август ќе се одржат парламентарни и локални избори во Будва, Котор, Тиват, Андријевица и Гусиње.