Kristina Maslareviç
22 Декември 2016•Ажурирај: 22 Декември 2016
БЕЛГРАД (АА) - Првиот потпретседател на Владата на Србија и министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, денес изјави дека Србија не можела да гласа за неодамна донесената резолуција во Генералното собрание на ОН, со која се повикува на меѓународно набљудување на ситуацијата во Крим во областа на човековите права, бидејќи за Србија е неприфатлив начинот на кој Русија е окарактеризирана во тој документ, јавува Anadolu Agency (AA).
„Јазикот, тонот, начинот на кој се окарактеризира Русија во тој документ за Србија беше неприфатлив“, изјави Дачиќ и додаде дека во овој конкретен случај, доколку Србија би се придружила на таквата резолуција, тешко би било да се одржат добрите односи со Русија.
Дачиќ изјави дека Србија нема да има последици поради неподдржувањето на резолуцијата, бидејќи е автономна во водењето на надворешната политика и додаде дека Србија сѐ уште не е член на ЕУ, и не е потребно да се утврдува заедничка политика, бидејќи веќе постепено се приспособува.
„Русија во таа резолуција е оквалификувана на најлош можен начин и поради тоа Србија не можеше да ја прифати резолуцијата. Не верувам дека земјите што можеби приговараат зошто Србија не гласала за резолуцијата или била воздржана, би гласале за резолуцијата кога на сличен начин би била окарактеризирана состојбата во Косово“, изјави Ивица Дачиќ, првиот потпретседател на Владата на Србија.