Furkan Abdula
27 Март 2018•Ажурирај: 27 Март 2018
СКОПЈЕ (AA) - ФУРКАН АБДУЛА - „Кога ќе погледнеме, Турците што живеат тука, во Македонија веќе 500 години, се чувствуваат дека се од тука. Значи, по 100-200 години нашата дијаспора во Европа, може да учи и да стекне доста искуства од Македонија“, рече претседателот на Унијата на турските демократи во Европа (УЕТД - Union of European Turkish Democrats) за Македонија, Салих Уташ.
Претседателот на УЕТД за Македонија, Салих Уташ, во изгава за Anadolu Agency (AA) разговараше околу целите на оваа Унија, како и за активностите на УЕТД во Македонија.
Уташ потсети дека УЕТД е невладина организација основана во 2004 година во Келн, Германија, по инструкции на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, која веќе има свои претставништва во 16 земји.
„УЕТД работи на тоа Турците што живеат на Запад и во Европа, да се дружат преку социјални и културни активности, да 'излезат' од идентитетот на иселеници, и да знаат дека се дијаспора, односно да бидат свесни дека се многу посилни заедно“, рече Уташ кој наведе дека УЕТД првпат на Балканот отворила претставништво во Босна и Херцеговина, а потоа во Македонија.
- „Ние работиме како турско лоби, како лоби на Турција“ -
„Кога ќе погледнете во Европа денес, постои лоби на ФЕТО, лоби за ПКК, ерменско лоби и еврејско лоби. И ние како УЕТД работиме како турско лоби, како лоби на Турција. На политичките власти, на политичките личности во Европа, се обидуваме да им ги објасниме на најобјективен начин настаните што се случуваат во Турција. Затоа што е важно Европејците да добијат сознанија од вистински извори и да ги донесат своите одлуки според нив. Во оваа смисла, активностите за лобирање се многу важни“, рече Уташ.
Уташ, исто така, истакна дека уште една цел на УЕТД, чиј претседател е Зафер Сиракаја, е да придонесе за интеграција на дијаспората и спречување на асимилацијата.
Тој истакнувајќи дека постојат турски граѓани и дијаспора во Македонија, иако не толкава колку што е во Европа, рече дека мнозинството од турската дијаспора во Македонија ја сочинуваат студентите, а исто така, има лица дојдени за трговија и друго.
- „Нашата дијаспора во Европа може да учи и да стекне доста искуства од Македонија“ -
„Има околу 100 илјади Турци во Македонија, што претставуваат суштински елемент“, посочи Уташ, кој напомена за важноста на Македонија и на Турците што живеат тука.
„Кога ја гледаме Европа денес, нашите граѓани што заминале први, таму се веќе 70 години. Кога ја гледаме Македонија, Турците што живеат тука 500 години, се чувствуваат дека се од тука. Значи, по 100-200 години нашата дијаспора во Европа може да учи и да стекне доста искуства од Македонија. Како УЕТД Македонија, ние ќе продолжиме да работиме за пренесување во Европа на искуствата на Турците што живеат тука веќе 500 години. Поради тоа Македонија е битна“, наведе претседателот Уташ.
Уташ наведе дека Македонија го има искуството со дијаспората што ќе стигне во Европа 300 години подоцна и дека Македонија е битна за пренос и размена на искуства поради местоположбата, бидејќи се наоѓа меѓу Турција и Европа.
Претседателот на УЕТД, исто така, укажа на нивните активности во Македонија. „Активностите што ќе ги направиме тука, секако се од културен и социјален карактер. Станува збор за едукативни активности, што ги има секоја невладина организација. Ќе организираме вакви активности со нашите граѓани што живеат овде, со нашите студенти и со Турците во Македонија и со другите граѓани во регионот, како и со сите што сакаат да учествуваат во нашите активности без оглед на етничката припадност“, рече тој.