ПОДГОРИЦА (АА) - Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас, денес од Подгорица порача дека не постои толеранција за нападите врз уставниот поредок на Босна и Херцеговина и дека за стабилноста на регионот политичарите мора да ги надминуваат, а не да ги продлабочуваат поделбите, јавува Анадолу.
Калас во Подгорица ја започна својата прва официјална посета на земјите на Западен Балкан, при што ќе ги посети и Албанија и Босна и Херцеговина.
По состанокот со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ во Вила Горица, Калас истакна дека Црна Гора е исклучително важен партнер на ЕУ и дека има добар напредок на европскиот пат.
„Овие состаноци се можност повторно да ја нагласам нашата поддршка на Црна Гора и патот кон Европската Унија. Ја поздравувам вашата посветеност на реформите бидејќи знаеме дека за пристапувањето се потребни комплексни реформи и мислам дека тоа може да биде инспирација за другите држави на Западен Балкан“, изјави таа.
- Пат без пречки
Таа нагласи дека нема пречки на патот кон приемот во Европската Унија и дека е потребно да се спроведат соодветни реформи.
Исто така, го поздрави договорот меѓу власта и опозицијата со кој неодамна се овозможи продолжување на работата на парламентот на Црна Гора.
„Сега треба да се фокусирате на реформите бидејќи има уште многу да се направи. Можам да ве уверам дека ние сме тука за вас на секој чекор“, рече таа.
Калас го опиша планот за раст на ЕУ на Западен Балкан како поддршка за развојот на овој регион и неговиот пристап во Европската Унија. Таа изрази задоволство што овој месец на Црна Гора ќе ѝ бидат исплатени 26 милиони евра од преттранзициските фондови.
Таа откри дека на состанокот разговарале за зајакнување на безбедносната и одбранбената соработка во сегашното „турбулентно време“.
Високата претставничка додаде дека и Црна Гора има корист од поддршката на ЕУ за Балканската медицинска единица во рамките на регионалниот пакет што ги зајакнува военo-медицинските капацитети.
Таа ѝ се заблагодари на Црна Гора за поддршката на Резолуцијата на Обединетите нации за Украина и за поддршката на територијалниот интегритет на Украина погодена од војна.
Потпретседателката на ЕК ја истакна важноста од почитување на Повелбата на ОН како чадор заштита на „сите мали држави“.
„Благодарна сум ви и за тоа што прифативте украински бегалци. Ако добро разбрав, вие прифативте повеќе украински бегалци по жител од која било друга земја во светот“, рече Калас.
- Одржување безбедна средина
Високата комесарка изрази длабока загриженост за безбедносната ситуација во регионот на Западен Балкан, што е една од главните теми на нејзината актуелна регионална турнеја.
„Утре ќе го посетам Сараево, Босна и Херцеговина, но не може да толерираме напади врз унитарноста и уставниот поредок на земјата. Политичарите имаат голема одговорност да работат заедно и да ја направат земјата да напредува кон Европската Унија. Тие мора да ги надминат, а не да ги продлабочуваат поделбите, а тоа е многу важно за стабилноста на Босна и Херцеговина и пошироко на регионот“, рече Калас.
Калас потсети дека ЕУ го зголемила бројот на членови во безбедносната мисија на терен за поддршка на локалните власти во одржувањето безбедна средина.
„Мислам дека е многу важно да не се создава безбедносен вакум“, заклучи таа.
На прашањето на новинарите за плановите на ЕУ во врска со продолжувањето на процесот на дијалог за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, Калас рече дека ова е тековен процес и дека се во контакт со новиот претставник на ЕУ.
„Нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија е важна бидејќи без неа никој не може да продолжи кон европскиот пат. Овој месец се среќаваме со нашиот специјален претставник и анализираме што беше успешно, а што не, со цел да се врати виталноста на овој процес“, рече Калас.
- Водач за интеграција во ЕУ
Во продолжение на посетата таа во Цетиње ќе се состане и со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ. Ќе оствари средба и со амбасадорите на земјите членки на ЕУ, ќе разговара со претставници на граѓанското општество и ќе ја презентира поддршката на Унијата во областа на одбраната и безбедноста.
Премиерот на Црна Гора ѝ се заблагодари на комесарката Калас што ја избрала Црна Гора за прва дестинација на регионалната посета и додаде дека очекува континуирана поддршка на европскиот пат.
„Ние сме водечка земја во процесот на интеграција во Европската Унија и сакаме да продолжиме со ова темпо на реформи. Минатата година беше најуспешна во процесот и тоа е добра основа за продолжување“, рече Спајиќ.
Тој додаде дека се радува на меѓувладината конференција што ќе се одржи во Брисел во текот на летото за време на полското претседавање со Европската Унија.
„Црна Гора нема дилеми, Европската Унија е наш стратегиски пат и нема апсолутно ништо што би нè оддалечило од тој пат“, рече Спајиќ и додаде дека Подгорица ја потврдила својата европска определба со неодамнешното гласање во Обединетите нации, кога беше усогласена со гласовите на мнозинството земји од ЕУ.
Поздравувајќи ја иницијативата со која на Црна Гора ѝ се доставени шест милиони евра за одбранбена поддршка, Спајиќ рече дека е исклучително важна и европската поддршка за вооружување на земјата.
Тој заклучи дека усогласувањето на надворешната и безбедносната политика со Европската Унија е императив за Црна Гора, без оглед кој е на власт.