Besar Ademi
23 Ноември 2018•Ажурирај: 23 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија,Зоран Заев ,на централната церемонија по повод 22 ноември - Денот на албанската азбука изјави дека „одговорност на државата е да го почитува, штити и негува јазикот на секоја од нејзините заедници", јавува Anadolu Agency (AA).
Свечената церемонија по повод 110-годишнината од Денот на албанската азбука се одржа во просториите на Македонската филхармонија, а беше организирана од Секретаријатот за европски прашања на Македонија, со поддршка на Владата и Собранието на Република Македонија. На свеченоста, по обраќањата на говорниците, настапи познатиот албански виолинист Шкелзен Доли.
Премиерот Заев во обраќањето пред присутните истакна дека Македонија има шанса на најдобар можен начин да ја промовира и практикува, како што рече, големата европска идеја „обединети во различностите".
„Ние во Република Македонија имаме шанса на најдобар можен начин да ја промовираме и практикуваме големата европска идеја обединети во различностите. Затоа со право можеме да го истакнеме фактот дека прогласувањето на денешниот ден за официјален празик на албанското писмо е составен дел од јазичното и од културното богатство на Република Македонија", изјави Заев.
Премиерот Заев додаде дека определба на Владата е да гради и негува граѓанско општество еднакво за сите, со почит кон етничките, националните и културните разлики.
„Одбележувањето на културните вредности, датуми и традиции на сите етнички заедници вклучувајќи ја и албанската е во суштината и во основата во нашето мултикултурно општество", изјави Заев.
- Мета: Почитување на малцинствата е додадена вредност за сите земји во нашиот регион
Меѓу бројните гости на церемонијата беа и претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, вицепремиерот задолжен за европски прашања во Владата на Македонија, Бујар Османи, претседателот на Албанија, Илир Мета, претседателот на Косово, Хашим Тачи, лидерот на Демократската унија за интеграција ( ДУИ), Али Ахмети, лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, бројни министри од Владата на Македонија, пратеници од Собранието, претставници на судството и други поканети гости.
Претседателот Мета, осврнувајќи се на донесувањето на Законот за употреба на јазиците од страна на Парламентот во Македонија, рече дека ова ја докажува заедничката волја за соживот и разбирање за сите граѓани во оваа земја.
„Нашиот регион искуси многу тешкотии и предизвици. Време е за поголема соработка, меѓусебно почитување, соживот и разбирање. Почитувањето на малцинствата е додадена вредност за сите земји во нашиот регион”, рече Мета.
Косовскиот претседател Тачи го поздрави официјализирањето на албанскиот јазик во Македонија, како и договорот постигнат со Грција (Преспанскиот договор), оценувајќи ги како добри чекори за иднината на Балканот.
„Со оваа азбука, која создава култура на толеранција и пријателство со сите соседни земји, се зголемува и градењето на добрососедските односи на Балканот во европска перспектива”, рече Тачи.
Денот на албанската азбука во Македонија се одбележа со бројни активности, вклучувајќи ја и посетата на Музејот на азбуката во Битола. Претседателот Мета, кој престојува во посета на Македонија во рамките на одбележување овој ден, во придружба на лидерот на Демократската унија за интеграции (ДУИ), Али Ахмети, вицепремиерот Османи и претседателот на Собранието, Џафери, во текот на денот положија венец кај споменикот на албансиот национален херој Ѓерѓ Кастриот Скендербег, на плоштадот со негово име во Скопје.
За албанскиот народ, Битолскиот конгрес е најважниот настан во почетокот на дваесеттиот век, со чии резултати на 28 ноември 1912 година се прогласи и независноста на Албанија. Во таа чест, овој датум се одбележува во Македонија, Албанија, Косово и албанската дијаспора како „Денот на азбуката”.
Во зградата во која се одржа Битолскиот конгрес во 1908 година, со одлука на македонската влада, во 2008 година беше основан „Музејот на албанската азбука”.