ИСТАНБУЛ (AA) - Турската авиокомпанија „Онур Ер“ ќе воспостави нова авионска линија до Охрид, што ќе се одвива секоја недела од 15 април, со цена од 64 евра, вклучувајќи ги сите даноци, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералниот менаџер на „Oнур ер“, Теоман Тосун, на прес-конференција за летовите во Македонија и за бизнис-соработката со „Tatilbudur.com“, посочи дека како компанија сакаат да летаат во нови, различни историски места и дека затоа ќе го преземат ризикот.
Говорејќи за соработката со „Tatilbudur.com“, Тосун рече дека би било убаво да се оди во Македонија за да се вкуси културното наследство на оваа земја, која има многу историски и културни сличности со Турција.
Тосун наведе дека ќе започнат со летовите од 15 април и ќе има лет во двата правци еднаш во неделата. „Планираме да го покачиме бројот на летовите во блиска иднина, што секако, зависи од одвивањето на работите“, рече тој.
Нагласувајќи дека летањето до Охрид значи да се зголеми потенцијалот за најмалку 100 проценти, Тосун истакна дека сегашниот потенцијал ќе биде многу поголем и дека исто така, ќе има пораст на индивидуалниот транспорт.
Цената за летот Истанбул - Охрид, вклучувајќи ги сите даноци ќе изнесува 64 евра. „Освен директен лет Истанбул - Охрид, патниците ќе имаат можност да имаат индиректни летови со соодветни цени во 6 града во Турција, како Адана, Аланија-Газипаша, Анталија, Истанбул, Измир и Трабзон“, изјави главниот менаџер на „Онур ер“.
- „Летовите ќе обезбедат лесен пристап“ -
Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој, рече дека го промовираа градот и земјата на меѓународната арена по управувањето со аеродромот во Охрид и дека за кратко време успеале да воспостават соработка прво со Холанѓаните, а голем интерес имале и од Белгија, Англија, Израел, Србија и Полска.
Ерсој нагласи дека Турција е земја што испраќа најмногу туристи во Македонија, и зборуваше за позитивните односи меѓу двете земји.
Ерсој рече дека биле многу среќни кога „Tatilbudur.com“ и „Онур Ер“ ја најавиле оваа соработка, бидејќи од една страна има летови 19 пати неделно во Скопје, а нема до најважниот туристички центар во Охрид.
„Не треба да гледаме на овој лет само како на туристички чартер-лет. Тој ќе биде важен начин за транспорт на Македонците во Турција и за Турците во Македонија. Постои автобуски превоз секојдневно од Охрид до Истанбул. Но патниците со оваа услуга ќе можат да летаат за приближна цена, наместо да бидат исцрпени од долг пат“, рече Ерсој, заблагодарувајќи се на управителите на двете фирми.
- „Ќе се чувствувате како да сте во Турција“ -
Ерсој изјави дека Охрид кој има историска и природна убавина, е град заштитен од УНЕСКО, и дека во градот постојат слични градби како во Сафранболу.
„Македонија е слична според стандардот“, изјави Ерсој, додавајќи го следното:
„Кога ќе стигнете таму, ќе се чувствувате како да сте во Турција, а не во странство. Не ви треба виза. Македонскиот јазик има речиси 4 илјади зборови од турскиот јазик. Четвртото најголемо езеро во Европа е Охридското Езеро, каде што водата е многу чиста. Тука дефинитивно ќе најдете нешто од турската култура. Во Македонија луѓето со многу различни култури живеат заедно во мир“, истакна Ерсој.
Ерсој додаде дека за Охрид има летови од Холандија, Белгија, Англија, Израел, Полска и Естонија.
- „Турските туристи имаат можност да посетат 6 земји без виза“ -
Менаџерот на „Tatilbudur.com“ (SЕО), Џенк Ангин, наведе дека се среќни поради оваа убава работа потпишана во период кога ја прославуваат својата 20-годишнина, и рече дека летот кон Охрид ќе биде првиот комерцијален лет.
„Имаме многу висок оперативен буџет и ќе ги организираме овие патувања со буџет од околу еден милион евра оваа година. Бројот на нашите летови може да се зголеми и во иднина“.
Ангин, истакнувајќи дека ова ќе биде тур-оператор што ќе носи најголем број туристи од Турција во Македонија, го рече следното: „Кога гледаме од овој аспект, всушност, имаме можност да имаме безвизен одмор за турските туристи во 6 земји: Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Србија“.
Изразувајќи ја тешкотијата од патувањето на оваа дестинација без директен лет во Охрид, Ангин рече дека веќе секоја недела ќе има можност за посета на Охрид.
„Со оглед на тоа што секоја година 240.000 Турци патуваат во Македонија, а од нив сметаме дека половината се туристи, ние како „Tatilbudur“ носиме околу 10-15 отсто од туристите. Со оваа програма, очекуваме дека бројот на туристи што одат во Македонија од „Tatilbudur“ ќе се зголеми за 30-35%. Ако се зголеми бројот на летови, сообраќајот ќе се зголеми во спротивна насока“, коментираше менаџерот на „Tatilbudur“.
„Овозможуваме економичен одмор без виза во 6 земји, неделната турнеја на Балканот е многу економична, по цена од 249 евра“, рече Ангин, кој информираше дека 8 ноќевања во Охрид чинат само 249 евра.