Adis Karadza
01 Октомври 2026•Ажурирано: 01 Октомври 2026
Биљана Плавшиќ, поранешна претседателка на Република Српска, осудена за воени злосторства во Босна и Херцеговина, почина на 96-годишна возраст во Белград, јавува Анадолу.
Според Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, Биљана Плавшиќ била водечка политичка фигура на босанските Срби и имала висока функција пред, за време и по конфликтот од 1992 до 1995 година.
„Таа учествувала во прогонувањето на босанските муслимани, босанските Хрвати и другото несрпско население во 37 општини. Поддржувала кампања за етничко раздвојување, која резултирала со смрт на илјадници цивили и протерување на илјадници и илјадници луѓе од општините во Босна и Херцеговина во исклучително брутални услови, повикувајќи паравоени сили од Србија да им помогнат на силите на босанските Срби во остварувањето на целта за раздвојување на етничките групи со употреба на сила. Таа беше осудена на 11 години затвор“, се наведува на веб-страницата на МКСЈ.
Во текот на академската кариера во Сараево, таа беше професорка по биологија, раководителка на Катедрата за биологија и деканка на Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Сараево.
Од 1990 до 1992 година беш членка на Претседателството на Социјалистичка Република Босна и Херцеговина, а потоа, по почетокот на војната во Босна и Херцеговина и прогласувањето на Република Српска, стана потпретседателка, функција што ја извршуваше од 1992 до 1996 година. Потоа стана втора претседателка на Република Српска, од 19 јули 1996 до 4 јули 1998 година.
Обвинителството на Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг ја обвини за воени злосторства, геноцид, злосторства против човештвото и тешки прекршувања на обичаите и правилата на војувањето, по што по судењето била правосилно осудена. Со спогодбата со обвинителството е ослободена од обвинението за геноцид. Беше осудена на 11 години затвор.
По издржувањето на поголем дел од казната во шведски затвор, пуштена е на слобода на 27 октомври 2009 година.