Dzihat Aliju
01 Октомври 2026•Ажурирано: 01 Октомври 2026
На Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) во Скопје беше одржана свеченост по повод дипломирањето на првата генерација на Факултетот за дентална медицина, јавува Анадолу.
На свеченоста, одржана во кампусот на ИБУ, присуствуваа вицепремиерот на Северна Македонија и министер за европски прашања, Беким Сали, заменик-шефот на Мисијата и прв секретар во Амбасадата на Турција во Скопје, Анил Кајалар, претставници на турските институции и организации во земјата, пратеници во Собранието на Северна Македонија, претставници на ИБУ, професори, студенти и нивните семејства.
Сали во своето обраќање им честиташе на дипломираните студенти.
Нагласувајќи дека зад секоја диплома доделена денес стојат долгогодишна работа, практична обука и истрајност, Сали рече: „Додека вашето знаење ќе го насочува лекувањето, вашето трпение и посветеност ќе им помогнат на пациентите да се чувствуваат сигурно“.
Претседателот на Управниот одбор на ИБУ, Билал Суџубаши, рече дека со дипломирањето на првата генерација на Факултетот за дентална медицина отворена е нова страница во историјата на универзитетот.
„Драги млади, без оглед на тоа каде ќе бидете во светот по многу години, денешниот ден секогаш ќе остане многу посебен за вас. Бидејќи секогаш ќе бидете запаметени како првата дипломирана генерација на овој факултет“, рече Суџубаши.
Ректорот на ИБУ, проф. д-р Лутфи Сунар, го опиша Факултетот за дентална медицина, основан пред шест години, како долг пат, додавајќи: „Основањето и процесот на институционализација на Факултетот за дентална медицина нè научи на многу работи“.
Емир Еминовиќ, најуспешниот студент од генерацијата 2026 на Факултетот за дентална медицина, им се заблагодари на професорите и асистентите кои им ја пружиле сета потребна помош во текот на нивното академско образование.