Dzihat Aliju
03 Февруари 2026•Ажурирај: 04 Февруари 2026
ДУБАИ (АА) - Претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на учеството на Светскиот самит на влади во Дубаи оствари средба со претседателот на Република Естонија, Алар Карис, на која беа потврдени пријателските односи и естонската поддршка за македонските евроинтеграции, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Кабинетот на претседателката, Сиљановска-Давкова се заблагодари за активната улога на Естонија во групата „Пријатели на проширувањето“ и искажа интерес за јакнење на билатералната соработка со балтичката земја и склучување договори во областите од заемен интерес.
„Претседателката нагласи дека остануваме целосно посветени на членството во ЕУ и стопроцентно усогласени со заедничката безбедносна и надворешна политика на Унијата. Таа го реафирмираше ставот дека евроинтеграцијата на Балканот e стратегиска потреба за стабилноста и безбедноста на Европа“, се истакнува во соопштението.
На средбата, според соопштението, беше поздравена соработката во областа на дигитализацијата, реализирана во партнерство со Центарот за меѓународен развој на Естонија, соработката со Балтичкиот колеџ за одбрана во Тарту, како и со Центарот за киберодбрана на НАТО во Талин.
„Укажувајќи дека постојат неискористени потенцијали во економијата, Сиљановска-Давкова изрази очекување за развој на нови заеднички проекти и поголемо присуство на естонските инвеститори во земјава. Соговорниците разменија мислења за актуелните глобални предизвици“, се наведува во соопштението.