Ahmet Nurduhan
20 Јануари 2026•Ажурирај: 21 Јануари 2026
СКОПЈЕ (АА) – Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија денес започнува со тестирање, калибрација и верификација на уредите за сообраќаен надзор во рамките на проектот „Безбеден град“, пренесува Анадолу.
Како што соопштуваат од Министерството, активностите ќе се реализираат во периодот од денес до 31 јануари, секој ден во времето од 08:00 до 20:00 часот.
За време на тестирањето, на локациите каде што се поставени камерите за сообраќаен надзор, возилата нема да бидат пропуштани додека трае постапката, што може да предизвика привремени застои во сообраќајот.
Во првата недела од предвидениот период, тестирањата ќе се спроведуваат исклучително на подрачјето на Скопје, на локациите каде што веќе се инсталирани сообраќајните камери.
Од МВР упатуваат апел до граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат трпение и разбирање, со цел непречено и безбедно спроведување на активностите.
Проектот „Безбеден град“, како што наведуваат од Министерството, има цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и поефикасна контрола на сообраќајните прекршоци преку современ систем за видеонадзор.