Furkan Abdula
14 Февруари 2019•Ажурирај: 15 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Делегација од Одборот за надворешни економски односи (DEİK) на Република Турција реализираше дводневна работна посета на Република Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Деловниот совет Турција - Македонија, при Одборот за надворешни економски односи на Република Турција, Билал Кара, во изјава за АА истакна дека целта на ДЕИК е поврзување на турскиот деловен свет со деловниот свет надвор од Турција, и дека во него се зачленети најголемите трговски организации во Турција.
Кара нагласи дека оваа дводневна посета на Скопје ја реализирале со цел поврзување на турските и македонските компании и реализација на заеднички проекти.
Според него, тука ги посетиле истакнатите компании во Северна Македонија, турските компании во оваа земја, како и амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, со која размениле искуства.
„Се сретнавме со почитуваниот премиер Зоран Заев, почитуваниот вицепремиер Кочо Анѓушев, почитуваниот министер за економија, Крешник Бектеши и со нивната делегација“, рече Кара, додавајќи дека за време на овие средби разговарале за тоа какви активности можат да реализираат тие како ДЕИК, со цел да придонесат во оваа земја.
Кара информираше дека во наредниот период ќе реализираат активности во различни области како земјоделството, трговијата и индустријата.
Тој истакна дека нивната делегација се состоела од 30 бизнисмени од различни области како градежништво, финансии, трговија, рударство и од автомобилскиот сектор.
Делегацијата на Одборот за надворешни економски односи на Република Турција реализираше разни средби во периодот од 12 и 13 февруари 2019 година во Северна Македонија.