Abdula Berisha
24 Октомври 2019•Ажурирај: 25 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на повеќе невладини организации од областа на безбедноста, во Скопје се одржа панел-дебата на тема „Периодот пред нас – време на безбедносни предизвици и неопходни чекори“, јавува Anadolu Agency (AA).
На панел-дебатата се дискутираше за безбедносната состојба по одлуката на Европската Унија (ЕУ) да не ги започне пристапните преговори со Република Северна Македонија, а на неа присуствуваа претставници од Клубот на генерали, Клубот на дипломати, Балканскиот форум за безбедност и Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста.
Во изјава за медиумите, професорот Благоја Марковски изјави дека Северна Македонија е во многу чувствителен период, но дека на глобално ниво, неотпочнувањето на преговорите не треба да влијае на безбедноста на земјата.
„Тоа што е најбитно во овој момент е дека Северна Македонија не смее да го запостави остварувањето на своите започнати стратешки цели, влегувањето во НАТО и започнувањето преговори со Европската Унија. Враќањето назад би нѐ вратило во годините кога се занимававме со проблеми од типот на меѓунационалните односи, од типот на разни криминали, од типот на разни деструктивни, опструктивни и секакви други процеси“, рече Марковски.
Тој додаде дека во Северна Македонија се создава безбедно опкружување со членството во НАТО и дека земјата треба да го продолжи патот за развој што го започна.
Марковски исто така рече дека договорите што Северна Македонија ги има потпишано со Грција и Бугарија не можат да бидат поништени од ниту една власт, бидејќи тие се меѓународни договори.
Поранешниот министер за одбрана, Трајан Гоцевски, рече дека неотпочнувањето преговори за членство со ЕУ ги загрижува граѓаните, но и дека тоа не е фактор што може да влијае на безбедноста на земјата.
„Од актуелните закани за нас, и понатаму останува мигрантската криза која што е непредвидлива. Испаѓа дека ова е долгорочен проблем на Европа и веројатно пошироко. Значи, тука мораме да бидеме, да речам будни, бидејќи не се знае, од ден во ден се менуваат состојбите“, рече Гоцевски.