Nazmi Abduramani
01 Март 2016•Ажурирај: 02 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Со цел да се обединат научната и оперативната област на државата кон побрза интеграција на Република Македонија во Европската унија (ЕУ), денеска е потпишан меморандум за соработка помеѓу Академијата на науките и уметностите на Македонија (МАНУ) и Секретаријатот за европски прашања ( СЕП) на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според претседателот на МАНУ, Таки Фити, ова ќе овозможи создавање на синергија меѓу научниот потенцијал од една страна и оперативниот потенцијал на Секретаријатот за eвропски прашања во насока на поттикнување, унапредување и забрзување на европската интеграција.
"Придобивката од оваа соработка ќе биде голема и за двете институции на Република Македонија, бидејќи како што знаете, граѓаните на Република Македонија и покрај многубројните проблеми ја поддржуваат идејата за интеграција во ЕУ", изјави претседателот на МАНУ, Таки Фити. Тој додаде дека процесот на интеграција е комплициран и сложен, кога ќе им се отворат поглавјата тука ќе има потреба од големо знаење, коешто на друг начин ќе ја вклучи и науката во овој основен процес.
Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими, рече дека ова е иницијатива за зајакнување на соработката меѓу државните институции и науката во однос на европската интеграција.
"Ова е важно затоа што на овој начин инклузивниот пристап со вклучување на сите институции, целиот спектар на општеството, почнувајќи од државната администрација, науката, граѓанското општество, сите да дадат свој придонес за поголем квалитет во процесот на европска интеграција, бидејќи е сложен процес кој бара мултидисциплинарен пристап, со цел да ги цениме придобивките на овој процес", рече Бесими.
Според меморандумот за соработка целта е преку разни форми на соработка да се создаде платформа меѓу академската и бизнис заедницата како и администрацијата. Во овој случај дефинирани се области и начини на соработка во насока на искористување на постојните знаења и искуства, како и научните и истражувачките капацитети во сите сфери.