Admir Fazlagic
26 Септември 2017•Ажурирај: 27 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска оствари средба со амбасадорката Одри Гловер, шеф на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на локалните избори во Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што информираат од владината прес-служба, на средбата, премиерот Заев истакнал дека сите институции вклучени во изборниот процес, вклучително и политичките партии, треба да придонесат во спроведувањето фер и демократски избори.
„Поучени од лошо организираните избори од минатото, не смееме да дозволиме поради изборни нерегуларности да ги доведеме во прашање нашите евроатлантски аспирации, на кои работевме многу во изминативе неколку месеци за да ги направиме реални нашите шанси“, истакна премиерот Заев.
Посочувајќи дека спроведувањето на изборниот процес е еден од клучните критериуми за исполнување на стратешките цели на Република Македонија, премиерот Заев ги истакна цврстите заложби на Владата за строги санкции за секој поединец или организација кои ќе се осмелат да се впуштат во прекршување на регуларноста на изборниот процес, како во предизборието, така и на денот на изборите, информираат од Владата.
Шефицата на набљудувачката мисија на ОБСЕ го запознала премиерот со нивните претстојни активности поврзани со изборниот процес, за бројот на краткорочните и долгорочните набљудувачи на мисијата, кои веќе се на теренот и го следат отпочнатиот предизборен процес, и уште го информирала премиерот Заев дека пред денот на изборите, мисијата ќе го засили надзорот на процесот со дополнителни 200 краткорочни набљудувачи.
„Двете страни, позицијата и опозицијата, имаме сериозна обврска, пред јавноста, пред граѓаните, пред дипломатската јавност, исто така, да покажеме дека навистина ништо нема да биде важно ако ја прокоцкаме шансата за организирање фер, кредибилни и демократски избори“, изјавил премиерот Заев во текот на посетата.
Во соопштението се наведува дека од мисијата ОБСЕ/ОДИХР информирале дека веќе остваруваат голем број средби со граѓани и организации, повторувајки дека тие се тука за будно да ги следат изборите, а веќе следната недела ќе го претстават првиот извештај од почетокот на кампањата, во којшто ќе ги објават нивните забелешки од дотогашниот тек на кампањата.
Потсетуваме, шестите локални избори во Република Македонија се закажани за 15 октомври.