Abdula Berisha
03 Јуни 2019•Ажурирај: 05 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Северноатлантската алијанса е подготвена да ја пречека Северна Македонија како 30-та членка на НАТО, јавува Anadolu Agency (АА).
- Пендаровски се состана со генералниот секретар на НАТО, Столтенберг
- Столтенберг во Владата на Северна Македонија пречекан со највисоки државни почести
Столтенберг престојува во официјална посета на Скопје, каде што се одржа состанок на Северноатлантскиот совет со Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО, по што беше организирана заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев.
„Ова е историска посета, прва посета на Северноатлантскиот совет во вашата земја. Нашата посета испраќа многу јасна порака: подготвени сме да ви посакаме добре дојде во семејството на НАТО“, рече Столтенберг.
Тој, исто така, му честиташе на премиерот Заев за решавањето на спорот со името, бидејќи, како што рече, тоа на Северна Македонија ѝ овозможи членство во НАТО. Столтенберг рече дека Северна Македонија треба да продолжи со реформите во областите како што се владеењето на правото, безбедноста и одбраната, за што рече дека ќе ја има поддршката и помошта од земјите членки на НАТО.
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, истакна дека Северна Македонија станува интегрален дел од трансатлантската заедница, додавајќи дека земјата е спремна да стане полноправна членка и „сигурен и веродостоен алат на НАТО“.
Заев истакна дека потпишувањето на протоколите од земјите членки оди според посакуваната динамика. Тој, исто така, рече дека самитот на НАТО, кој ќе се одржи во декември во Лондон, е добра можност Северна Македонија да стане 30-та членка на НАТО на 70-годишнината од основањето на Алијансата.
- Заев: „Турција е еден од нашите најголеми пријатели“
Во текот на прес-конференцијата, премиерот Заев беше прашан дали Република Турција може да го забави процесот на зачленување на Северна Македонија во НАТО поради барањето за екстрадиција на членовите на терористичката организација ФЕТО.
„Турција е еден од нашите најголеми пријатели. Нивните очекувања се дека кога ќе завршат сите политички изборни процеси, знаете дека е повторено гласањето во Истанбул, потоа ќе ја отпочнат процедурата“, рече Заев.
Тој, исто така, рече дека министерствата за правда на двете земји продолжуваат со соработката за отворените прашања „согласно меѓународните стандарди и принципи“.
Заев истакна дека очекува Турција и овој пат да докаже дека е голем пријател на Северна Македонија, што, според него, Турција го докажува секој ден во секој сегмент на соработката.
Во текот на денот, пред Владата на Северна Македонија се одржа официјален пречек со високи државни и воени почести по повод посетата на Столтенберг, а потоа имаше тет-а-тет средба на Столтенберг и премиерот Заев.
Вчера, Столтенберг се состана со претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, а во рамки на неговата посета се состана и со претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Северноатлантскиот совет е главното политичко тело кое донесува одлуки во НАТО. Советот ги разгледува воените политики и процеси поврзани со безбедносното прашање што влијаат врз Алијансата. Советот го сочинуваат претставници на земјите членки на Алијансата, а претседател на Советот е генералниот секретар.
Ова е прва посета на генералниот секретар на НАТО и на Северноатлантскиот совет во Скопје, по потпишувањето на Протоколот за членство на земјата во НАТО.