Besar Ademi
24 Октомври 2017•Ажурирај: 25 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје, преку работилница организирана од страна на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ беше претставен проектот СИАРС (Smart I (eye) Advisory Rescue System), тригодишен проект финансиран од страна на програмата на НАТО, која е во финалната фаза од реализацијата од страна на Воената академија, јавува Anadolu Agency (AA).
Овој проект на НАТО се состои од нов и современ телемедицински информациски систем, којшто ќе овозможи постојан трансфер на податоците за виталните знаци на животот за војниците и цивилите на боиштето.
Преку сензори за мерење на виталните параметри на секој војник, преку посебен алгоритам, системот го пресметува степенот на ризик по здравјето и ја класифицира состојбата на војниците.
На отворањето на оваа работилница учествуваа министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, која нагласи дека овој проект финансиран од страна на НАТО покажува дека и Македонија може да ѝ понуди нешто на Алијансата и може да соработува на исто ниво со земјите-членки на Алијансата.
„Тоа покажува дека Република Македонија работи како држава на својата стратешка цел – членство во НАТО. Затоа што членството во НАТО не значи само напор на државните институции, туку, како што се гледа и денеска, напор и на академската заедница и на граѓаните“, рече Шекеринска, истакнувајќи дека „членството во НАТО не е само воена цел на Република Македонија, тоа е пред сѐ, нашиот стратешко-политички приоритет“.
Од друга страна, деканот на Воената академија „Генерал Михаило Апстолски“, Орце Поповски, пренесе дека овој систем јасно ќе влијае на зголемување на можностите за спасување на војниците на боиштето, како и во планирањето на потребната евакуација, минимизирање на ризиците, транспортот и потоа на медицинската нега.
На отворањето на работилницата се обратија и амбасадорите на Словенија и на Хрватска во Скопје, Милан Јазбец и Данијела Баришиќ, кои нагласија дека НАТО не значи воен развој, туку ја развива и демократијата на една земја, науката, како и голем број други области од големо значење.
Инаку, Воената академија „Генерал Михаил Апостолски“ во Скопје, покрај наставна дејност, во последниве години дава особен придонес со свое учество во научно-истражувачки проекти.