Yusuf Hatip
06 Февруари 2019•Ажурирај: 06 Февруари 2019
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека пристапувањето на Македонија во НАТО ќе ја зголеми безбедноста во Западен Балкан, јавува Anadolu Agency (AA).
Столтенберг и министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, по церемонијата за потпишување на Протоколот за пристапување на Скопје во НАТО, одржаа заедничка прес-конференција во седиштето на НАТО во Брисел.
Столтенберг нагласи дека за започнување на членството на Македонија, Протоколот за пристапување треба да биде ратификуван во парламентите на земјите членки на НАТО.
„Не можам да кажам за колку време ќе се реализира процесот на ратификување во парламентите бидејќи тоа е одлука на сојузниците, но во членството на Црна Гора, процесот на ратификување во парламентите траеше една година“, додаде тој.
Столтенберг истакна дека вратите на НАТО се отворени за земјите кои ги исполнуваат стандардите.
„Пристапувањето на Македонија во НАТО ќе ја зголеми безбедноста во Западен Балкан“, рече Столтенберг.
Од друга страна, шефот на македонската дипломатија, Димитров, рече дека поминале долго патување до потпишувањето на Протоколот за пристапување во НАТО.
„Сè уште не ни заврши патувањето, но најважно е дека отсега нема да одиме сами“, нагласи Димитров.
Запрашан дали Македонија од воен аспект е подготвена за членство во НАТО, Димитров рече дека трошоците во одбраната до 2024 година ќе достигнат до 2 отсто од бруто домашниот производ.