БЕЛГРАД (АА) - Комунисти и голем број граѓани на некогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија секој 4. мај доаѓаат во Белград и го посетуваат гробот на некогашниот доживотен претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито. И денес беше така во Куќата на цвеќињата, на Дедиње во Белград, каде што е погребан Тито, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓу првите стигнаа комунистите од Македонија, а веднаш по излегувањето одиграа и Козарачко оро.
Автобуси со регистарски таблички од Словенија, Македонија, БиХ и од Хрватска пристигнуваа во текот на целиот ден, а граѓаните носеа знамиња на некогашната СФРЈ, потоа таканаречени титовки (капи со ѕвезди петокраки) и букети цвекиња.
Врз основа на сето тоа, може да се заклучи дека иако од смртта на Тито поминаа 37 години, сеќавањето на неговата личност и понатаму живее.
Марија Јурченко (66) допатува од Тузла. Таа изјави дека доаѓа на гробот на Тито секоја година, единствено за време на војната не била во можност.
„Додека сум жива и додека можам да одам, ќе доаѓам овде. Тито беше најдобар, како обичен работник успеа да направи држава што беше ценета во целиот свет“, изјави Јурченко за Anadolu Agency (AA).
Таа истакнува дека и понатаму ја почитува идеологијата на братство и единство.
„Моето семејство е една мала Југославија. Татко ми е православен, роден во Војводина, а мајка ми е Хрватка, зетот е муслиман. Моите родители се запознаа за време на војната и се венчаа во Штабот на третата армија“, изјави Јурченко.
Еден од рекордерите во работните акции за време на Тито, Миодраг Милошевиќ, доаѓа во Куќата на цвеќето за да оддаде почит, како што вели, на човекот што го научил како се гради и се сака земјата.
„Доаѓаат Словенци, Македонци, и сите се добредојдени. Ги повикувам оние што не го посетуваат гробот на Тито да дојдат, да не ја заборавиме Југославија толку рано. За жал, нема веќе единство како за времето на Тито. Тешко ќе се ослободат луѓето од разликите и сеќавањата на војната, а генерациите умираат и на младите нема кој да им раскажува како било во времето на Тито“, раскажа Милошевиќ за новинарите.
Словенката Маја Миловановиќ (29) не била ниту родена во времето на владеењето на Тито. Во изјава за АА таа вели дека за тие добри времиња слушала од родителите и од луѓето што и понатаму се сеќаваат со носталгија.
„Луѓето живееја во време на еднаквост и просперитет. Денешното општество е поделено на богати и сиромашни. Мислам дека луѓето кои доаѓаат за да му оддадат почит на Тито, всушност жалат за тие времиња на еднаквост и единство. Мислам дека Тито бил добар државник, бидејќи успеал да обедини во една, неколку земји и народи со различна религија и успеал да им го пренесе тој дух на заедништво“, изјави Миловановиќ.
Доживотниот претседател на СФРЈ и на Сојузот на комунистите, почина на денешен ден, пред 37 години, во 15.05 часот. На граѓаните, таа вест со солзи во очите им ја соопшти спикерот на РТВ, Миодраг Здравковиќ, а програмата пред неговото обраќање емитуваше црн екран половина минута.
Тито е погребан четири дена подоцна, а на погребот присуствуваа повеќе од 200 државници од целиот свет.
Куќата на цвеќето на Дедиње во Белград во последните години е претворена во Музеј на историјата на Југославија, а од смртта на Тито, 1980 година, неговиот гроб го посетија околу 20 милиони лица.
news_share_descriptionsubscription_contact
