Zülfiya Yakup
04 Мај 2017•Ажурирај: 04 Мај 2017
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, денес ја прими министерката за надворешни работи на Шведска, Маргот Волстром, пренесува Anadolu Agency (AA).
Тачи изјави дека Косово има одлични односи со Шведска.
„Шведска секогаш го поддржуваше Косово и за тоа сме ѝ секогаш благодарни“, изјави Тачи.
Со шефицата на дипломатијата на Шведска тој разговараше и за случувањата во регионот, дијалогот со Србија и за процесот на интеграцијата на Косово во ЕУ.
„Имаме добри односи со соседните земји, додека со Србија сме ангажирани во процесот на дијалог“, изјави Тачи и додаде дека е време за поразличен квалитет на дијалогот и дека тој мора да се претвори во процес на помирување, пријателство и добрососедска соработка меѓу Косово и Србија“, се вели во соопштението од кабинетот на Тачи.
„ЕУ мора да ја задржи централната улога во процесот на дијалог“, истакна Тачи и додаде дека од ЕУ се бара искрен и стратешки дијалог кој донесува интеграција на регионот во ЕУ.
„Сфаќаме дека ЕУ е уморна од проширување. Но стремежот на земјите од Западен Балкан да се придружат кон ЕУ не треба да трпи поради тој умор. Доцнењето на ЕУ да го приближи регионот на Западен Балкан претставува закана за безбедноста. Вакуумот што го остава ЕУ брзаат да го заземат други идеологии, националистички и религиозни“, изјави косовскиот претседател.
Тачи од министерката Волстром побара поддршка за преостанатите пет земји на ЕУ да го признаат Косово.