Andelija Stojkovic
29 Јули 2018•Ажурирај: 30 Јули 2018
БЕЛГРАД (АА) - Српската Адвокатска комора и Адвокатската комора на Белград денес соопштија дека ќе стапат во еднонеделен прекин на работата со цел да ја изразат својата загриженост поради убиството на адвокатот Драгослав Миша Огњановиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Огњановиќ, кој беше дел од тимот на одбраната на поранешниот претседател на СР Југославија, Слободан Милошевиќ, пред Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг, и на неговата сопруга, Мирјана Марковиќ, како и на Лука Бојовиќ и Ѓорѓе Прелика, кој е еден од обвинетите за убиството на францускиот навивач Брис Татон, е убиен синоќа во Белград.
Адвокатските комори бараат од надлежните да ги вклучат сите расположливи капацитети во овој случај и полицијата, како и обвинителството, да одговорат во следните неколку дена.
„Двете комори соопштуваат дека ќе ги употребат своите ресурси и ќе извршат притисок врз надлежните органи со цел сторителите на ова злосторство да бидат пронајдени во најкраток рок. Убиството на Миша Огњановиќ на најдрастичен начин покажува во какви околности адвокатите во Србија ја вршат својата професионална работа. Ова убиство е последното во низата бројни напади врз адвокатите од кој најголем број останаа нерасветлени“, се наведува во соопштението.
Коморите бараат итна средба во Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда и наведоа дека ќе распишат парична награда за оние што до обвинителството ќе достават точна информација која може да доведе до подигнување обвинение против сторителите и наредбодавците на убиството на Огњановиќ.
Министерството за правда го осуди убиството на адвокатот Огњановиќ и ранувањето на неговиот син, и ги повика надлежните државни органи во најкраток рок да го утврдат мотивот и сторителот.
„Министерството потсетува дека улогата што ја има адвокатурата во правосудството е многу важна, а посебно во изградба и сочувување на владеењето на правото, и дека сите напади врз адвокати мора да се третираат со особено внимание“, наведува Министерството за правда.