Fatjon Cuka
15 Мај 2018•Ажурирај: 16 Мај 2018
ТИРАНА (АА) - Албанската полиција за време на операцијата реализирана во соработка со Обвинителството за тешки кривични дела во Тирана, приведе 17 албански државјани, меѓу кои двајца полицајци, обвинети за фалсификување патни исправи и за помагање при илегален премин на границата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Началникот на Генералната полициска дирекција на Албанија, Арди Велиу, на прес-конференција истакна дека за време на операцијата се откриени и запленети неколку лаборатории за фалсификување документи, односно пасоши и визи.
Меѓу другото, 24 други државјани, главно албански и грчки државјани, но и други државјани, во рамките на истрагите против оваа група за која станува збор, приведени се во Грција во декември 2017 година во соработка помеѓу албанската и грчката полиција.
„Шверцерите земале до 20.000 евра по лице, Албанец или странец. Откако им обезбедувале фалсификувани документи за идентификација, за парична придобивка им создавале услови за илегално да патуваат кон САД, Канада и Обединетото Кралство. Лицата со фалсификувани документи тргнувале од Албанија, Црна Гора, Италија, Грција, Франција и Норвешка“, се вели во соопштението на полицијата.
Приведените се обвинуваат со кривичните дела: „Фалсификување лични карти, пасоши или визи“, „Фалсификување печати и формулари“, „Помош за илегален премин на границата“ и „Структурирана криминална група“.