Esra Taşkın
04 Мај 2022•Ажурирај: 05 Мај 2022
ПАРИЗ (АА) - Покрената е истрага за полицајците кои насред улица тепале и удирале со тупаници по главата две жени со шамии во градот Аниер, Франција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Набил Боуди, адвокатот на жртвите, на Твитер соопшти дека Обвинителството на Нантер покренало истрага за инцидентот.
Наведено е дека Обвинителството ја отворило истрагата со образложение дека имало намерно насилство и јавна навреда од страна на полицајците.
- Големи реакции за снимките
На снимките споделени на социјалните мрежи Твитер и Инстаграм од 14 април, за кои се претпоставува дека се направени од страна на некоја жена од автомобил, француската полиција интервенира тепајќи неколку минути две жени со шамии насред пат. Едната жена ја удираат со тупаници, а другата ја легнуваат на земја.
И покрај реакциите на луѓето од околината, француската полиција продолжила да ги тепа жените, а тоа предизвикало реакции во јавноста и на социјалните мрежи.
По ширењето на снимките, париската полиција излезе со соопштение во кое се тврдеше дека полициската екипа ги вклучила сирените за да контролира возило поради сторен прекршок и дека покрај итноста на ситуацијата, двете жени кои се обиделе да преминат преку патот, ја спречиле во таа намера.
Во информацијата споделена на социјалните мрежи, врз основа на исказите на сведоците, спротивно на изјавата на француската полиција, се тврди дека полицијата од исламофобични причини нападнала две млади жени со шамии, кои го користеле своето првенство на минување.
Во информацијата, исто така, се додава дека изјавата е дадена за да се заштити полицијата.