Samir Kajoševic
12 Декември 2020•Ажурирај: 14 Декември 2020
ПОДГОРИЦА
Процесот на лустрација во Црна Гора тешко е изводлив поради недостатокот на политичка волја и уставните ограничувања, сметаат соговорниците на Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Владата на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, во своето експозе најави дека меѓу приоритетите на неговиот кабинет, помеѓу останатото, ќе биде предлог-законот за лустрација. Со тоа, како што наведе, би започнале коренити реформи во областа на владеењето на правото.
Извршниот директор на Граѓанската алијанса и политички аналитичар, Борис Раониќ, смета дека лустрацијата е тешко изводлива во Црна Гора бидејќи, како што тврди, нема политичка волја за таков процес.
„Сметам дека е доволно да се отворат архивите на тајната полиција, кои би укажале на фактите за активностите и личностите од спорните настани. Со самото тоа тие би биле исклучени од јавниот живот. Во Црна Гора сè уште се малцинство силите кои во деведесеттите беа против масовните кршења на човековите права, а парламентарното мнозинство не е стабилно“, рече Раониќ за АА.
- Измена на Уставот -
Најавата на премиерот да го предложи Законот за лустрација на Собранието на Црна Гора засега ја поддржаа значителен дел од партиите на новото владејачко мнозинство. Потпретседателот на Владата, Дритан Абазовиќ, рече дека лустрацијата е само постапка за утврдување на одговорноста кај јавните функционери поради кршењето на човековите права.
Претставниците на владејачките коалиции „Мирот е нашата нација“ и „За иднината на Црна Гора“ предупредија дека законот мора да биде во согласност со меѓународните стандарди. За усвојувањето на таквиот закон во црногорскиот Парламент е потребно просто мнозинство од 41 пратеник, колку што има владејачкото мнозинство.
Адвокатот од Подгорица, Велибор Марковиќ, предупредува дека со донесувањето на Законот за лустрација Владата прекршила одредени уставни норми. Марковиќ потсетува дека според членот 45 од Уставот на Црна Гора, секој граѓанин има право да бира и да биде биран, додека според членот 62 секој има право на работа и слободен избор на занимање и вработување. Тој предупредува дека Законот за лустрација би ги ограничил тие права на функционерите за кои би било утврдено дека соработуваат со тајните служби.
„Доколку Собранието би го усвоило Законот, би ризикувале тој да падне пред Уставниот суд или некој од функционерите опфатени со лустрација да ја тужи државата пред Европскиот суд за човековите права во Стразбур. Поради тоа, Парламентот мораше прво да смени одредени одредби на Уставот кои ограничуваат спроведување на Законот за лустрација. Со оглед на тоа дека за промена на Уставот е потребно двотретинско мнозинство во Парламентот, засега тешко е да се очекува процесот на лустрација да се спроведе во Црна Гора“, рече Марковиќ.
- Лоши искуства во регионот
Марковиќ и Раониќ истакнуваат дека процесот на лустрација не смее да биде повод за реваншизам усогласен со меѓународните стандарди.
Процесот на лустрација претходно е започнат во некои држави од регионот, но го одбележаа бројни контроверзии. Во Србија, Законот за одговорност за кршење на човековите права е усвоен во 2001 година, по падот на режимот на Слободан Милошевиќ, но во текот на 10 години од важноста никогаш не беше применет.
Македонскиот Парламент го укина Законот на лустрација во 2015 година, откако процесот на лустрација беше критикуван во извештаите на Европската комисија. Во текот на шесте години од примената на тој закон, државната Комисија за лустрација прогласи повеќе од 200 луѓе за поранешни соработници на тајната полиција и им забрани повторно да работат во државните институции. Одредени поранешни функционери поради тоа ја тужеа државата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Раониќ предупредува дека поради лошото искуство во државите од регионот, Владата на Црна Гора ќе мора да биде внимателна во случајот со најавениот процес на лустрација.
„Во државите од регионот немаме успешни приказни за лустрација, па не сум сигурен дека овој процес во Црна Гора е изводлив. Владејачкото мнозинство мора внимателно да пристапи кон целиот процес“, рече Раониќ.