Associated Press
25 Јули 2018•Ажурирај: 26 Јули 2018
МАТИ (АА) - Спасувачките екипи во изгорените објекти и возила трагаат по исчезнатите лица за време на пожарот кој пред два дена се случи во крајбрежниот регион на Атина, во кој животот го загубија најмалку 81 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Иако нема официјални информации за бројот на исчезнати, спасувачките екипи стравуваат дека билансот на загинати лица во пожарот би можел да се зголеми, бидејќи многу луѓе од полицијата и на социјалните медиуми барале информации за исчезнатите членови на семејствата и пријателите.

Речиси 300 пожарникари и понатаму ги гасат преостанатите траги од пожарот во регионот Рафина, североисточно од центарот на Атина.
Паралелно со тоа, уште 200 пожарникари со помош на канадери и хеликоптери работат на гасење на шумскиот пожар во местото Агии Теодори, западно од Атина. Синоќа од регионот се евакуирани граѓаните на три населби.

Пожарите на двете страни на Атина избија во понеделникот, а потоа брзо се проширија и на населените места од каде што стигнуваат фотографии на апокалиптични сцени.
Илјадници граѓани останаа без домови, а за време на пожарот многу лица побараа спас во морето.
Со одлука на грчката Влада во земјата е прогласена тридневна жалост. Знамињата се спуштени на половина копје.