Abdula Berisha
29 Мај 2024•Ажурирај: 30 Мај 2024
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Северна Македонија денеска ја одржа конститутивната седница на која Африм Гаши беше избран за претседател на Собранието, јавува Анадолу.
Гаши е избран за спикер на законодавниот дом со 76 гласа „за“ и 6 „против“, додека останатите од вкупно 120 пратеници не учествуваа во гласањето.
Седницата ја отвори најстарата пратеничка од новиот пратенички состав, Мерита Колчи-Коџаџику, додека Собранието прво ги изгласа и верификуваше мандатите на 118 пратеници.
Избраниот пратеник Билал Касами поднесе изјава со која бара да не се верификува неговиот мандат за пратеник, задржувајќи ја функцијата градоначалник на Општина Тетово.
Во меѓувреме, едно пратеничко место сѐ уште не е констатирано од Државната изборна комисија поради процедурите по прегласувањето одржано на неколку избирачки места на 22 мај.
На гласањето за претседател на Собранието му претходеше расправа во која најгласни беа пратениците на опозициската партија Левица, кои ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека „се предаде“ на барањата на албанските партии. Во меѓувреме, пратениците на „Европскиот фронт“ предводен од Демократската унија за интеграција ја напуштија салата пред да се гласа за претседател на Собранието.
По свечената заклетва, Гаши одржа говор пред пратениците во кој вети дека ќе се заложи ниту еден пратеник да не се чувствува незастапен или дискриминиран.
Тој повика на единство, нагласувајќи дека тема на дебатите не треба да бидат прашањата поврзани со минатото и историјата.
„Од нас се бара да дадеме решенија за иднината, а не објаснувања за минатото. Ако не го сториме тоа, туку продолжиме да се фалиме или да се обвинуваме себеси за минатото, тоа не им користи на нашите граѓани. Ова е причината што ве повикувам сите да се приклучите на општата рамка која е во интерес на граѓаните, како што се интеграцијата во ЕУ, економската благосостојба, владеење на правото, реформи во образованието, еднаквост меѓу заедниците, заштитата на семејството и заштитата на животната средина“, рече Гаши.
- Биографија
Африм Гаши е претседател на партијата Алтернатива, која на парламентарните избори беше дел од коалицијата ВЛЕН (ВРЕДИ). За претседател на Собранието беше избран со гласовите на партиите кои во претходниот мандат беа опозиција, но кои сега го сочинуваат новото парламентарно мнозинство. Тоа се ВМРО-ДПМНЕ која освои 58 мандати, коалицијата ВЛЕН која освои 14 мандати и Движењето „Знам“ кое освои 6 мандати, партии кои преговараат за составување на идната влада.
Гаши е роден во 1977 година во Скопје, каде што завршил основно и средно училиште. Дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот во Тетово, а работел како уредник и публицист во весници, списанија и издавачки куќи.
Активно се занимава со политика од 2014 година како дел од Движењето БЕСА. Два мандата беше пратеник во Собранието на Северна Македонија, од 2016 до 2024 година.