Furkan Abdula
03 Ноември 2022•Ажурирај: 04 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Лидерите на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и премиерот на Северна Македонија, потпишаа три договори за мобилност за забрзан регионален економски раст и развој во рамки на Самитот за Берлинскиот процес, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Владата на Северна Македонија, во рамки на Самитот за Берлински процес што се одржува во германскиот главен град Берлин, од страна на премиерот и лидерите од земјите од Западен Балкан биле потпишани три регионални договори за мобилност.
„Договорите се однесуваат на заемно признавање на високообразовните квалификации во земјите од Западен Балкан, меѓусебно признавање на високообразовните квалификации за докторите на медицина, денталната медицина и архитектите, како и за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан“, се вели во соопштението.
Како што се наведува, потпишувањето на меѓународните договори треба да ја зајакне соработката помеѓу Северна Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово во делот на реформските процеси, заедничките пазари, меѓусебното признавање на професионалните квалификации, слободното движење на луѓе и стоки и треба да придонесе за забрзан регионален економски раст и развој.
„Токму ова се и основните цели и фокусот на Берлинскиот процес, кој се реализира со поддршка на Европската комисија, а се во насока на унапредување на соработката помеѓу земјите од Западен Балкан“, се додава во владиното соопштение.