СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Република Северна Македонија, Венко Филипче, по најновите случаи на заболени и починати од вирусот Ковид-19 (коронавирус) во Италија апелираше до граѓаните доколку немаат итна потреба да ги одложат патувањата во регионот на северот на Италија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Во овој момент нема податоци дека имаме заболени или под опсервација наши граѓани во Италија. Го замоливме конзулот доколку постои механизам тој да биде известен ако некоја група наши граѓани сака да се врати во нашата земја и на тој начин ќе имаме дополнителни информации каде и кога тие би се појавиле на граничните премини“,
изјави Филипче.
- Степенот на подготвеност се подигнува на повисоко ниво
Министерството за здравство на Република Северна Македонија (РСМ) соопшти дека се подигнува степенот на подготвеност за превенција и справување со евентуални заболени од коронавирусот.
Како што соопшти Министерството, поради новонастанатата состојба со коронавирусот и проширувањето на вирусот во областите Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања во Италија, утрово, министерот за здравство, Венко Филипче, одржал состанок со Комисијата за заразни болести на кој се констатирало дека степенот на подготвеност се подигнува на повисоко ниво.
Комисијата донесе нови, зајакнати мерки за превенција и справување со евентуални заболени, кои дополнително ќе бидат координирани на денешниот состанок со Центарот за управување со кризи (ЦУК) во Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија.
Првичните заклучоци од состанокот на Комисијата за заразни болести се дека се засилува контролата на сите гранични премини и на двата аеродрома во земјата.
Според соопштението, на граничните премини се отстапуваат посебни простории каде што ќе бидат интервјуирани сите патници кои доаѓаат од ризичните дестинации и ќе се врши првичен скрининг на нивната здравствена состојба.
„На скопскиот аеродром, термалната камера се поставува на локација од која ќе се следат сите патници кои пристигнуваат, а не како досега само патниците од Дубаи и Истанбул. Со бесконтактен пиштол за мерење на телесната температура ќе се прави скрининг на патниците што ќе пристигнат од ризичните дестинации и на аеродромот во Охрид“, се вели во соопштението од Министерството за здравство.
Меѓу другото, се наведува и дека доколку се јави потреба, Инфективната клиника во Штип ќе функционира како објект за изолација.
„Тестирањата на сомнителни случаи ќе се вршат на инфективните клиники во Скопје и во Куманово, а Министерството за здравство информира дека во земјава има доволно реагенси за тестирање на коронавирусот“, стои во соопштението.
Исто така, Министерството за здравство апелира до граѓаните во целост да ги почитуваат превентивните мерки за заштита, како што се дополнителна заштита на храната, дополнителна заштита при подготовка на храната, посебна заштита при работа на отворени пазари, да се штити населението од настинки и задолжително и често миење на рацете.
Бројот на починати од новиот вид коронавирус Ковид-19 во Италија се искачи на пет лица. Според италијанската новинска агенција АНСА (ANSA), од смртоносниот вирус заразени се 219 лица. Најновите извештаи покажуваат дека Италија сега е трета земја во светот според случаите со коронавирус, по Кина и Јужна Кореја.
Инаку, во врска со состојбата со коронавирусот во Италија преку соопштение се огласи Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.
„Министерството за надворешни работи на Северна Македонија согласно информациите добиени од Генералниот конзулат на Република Северна Македонија во Венеција - Италија, информира дека до овој момент нема информација за наши граѓани кои се заболени од коронавирусот“, се вели во соопштението.
news_share_descriptionsubscription_contact
